Лозарите бараат 20 отсто од милионските заработки на винарниците

Лозарите се револтирани поради ниските откупни цени на грозјето кои им ги понудиле винарниците, што резултираше со револт и протест на лозарите. Лозарите бараат повисоки откупни цени и дел од милионските заработки на винарниците. Според нив, во Македонија откупните цени се најниски во регионот и 20 години не се променети и покрај тоа што се покачија цените на препаратите, работната рака...

1586

Лозарите се изморија секоја година да се борат со истите проблеми, ниските откупни цени и игнораторскиот однос на винарниците. Велат дека винарниците и оваа година си тераат по свое и не ги почитуваат договорените цени од 16 денари за „смедеревка“ и 17 денари за вранец. Како што информираат, винарниците и годинава им понудиле ниски откупни цени од 10 и 12 денари за килограм, што резултираше со револт и протест на лозарите. Тие бараат да им се вреднува вложениот труд и да знаат дали и понатаму да вложуваат во лозарството или да го напуштат. Ако останат ланските цени, се гледа крајот на лозарството во нашиот крај.
Тие бараат повисоки откупни цени и дел од милионските заработки на винарниците. Според нив, во Македонија откупните цени се најниски во регионот и 20 години не се променети и покрај тоа што се покачија цените на препаратите, работната рака…
-Откупните цени не се променети 20 години и покрај тоа што се се покачи цените на препаратите, работната рака…Една година ќе ја симнат цената на 7 денари за килограм, а потоа пак ќе ја покачат на 12 денари и така 20 години. И годинава понудија цени од околу 12 денари за килограм, која е многу ниска и не им овозможува никаква заработка на лозарите. Ние бараме барем 20 отсто од заработката на винарниците. Не може они да имаат милионски суми заработка, а ние да не можеме да ги покриеме ниту трошоците и секоја година да се вадиме со субвенциите, вели за ВЕЧЕР претседателот на Здружението “Напредни лозари” Трајче Кулев.
Според него, винарниците и годинава сами си ги одредуваат цените и не го почитуваат трудот на лозарите. Повторно излегоа со многу ниски откупни цени што предизвика револт и страв кај лозарите дека повторно ќе не можат да ги платат аргатите и да ги покријат другите трошоци.
Кулев појаснува дека за да се наполни еден трактор со три тони грозје ти треба најмалку 3 декари површина. Така на пример ако ти платат по 10 денари од килограм ќе добиеш околу 30.000 денари од кој 10.000 денари имаш трошок за работна рака за берба, а останатите за кроење, прскање, препарати… За лозарите нема никаква заработка, освен субвенциите кои изнесуваат околу 4.500 денари од декар, односно 45.000 за еден хектар.
И од Националната федерација на фармери велат дека откупот на грозјето повторно започнува со голем број на манипулации кои се на штета на лозарите.
-Со години наназад „смедеревката“ се откупува по цена до 11 денари за килограм, додека „вранецот“ до 13 денари за килограм. Секоја година преку НФФ одделение за лобирање и застапување правиме пресметка за производната цена на грозјето, која излегува дека е 15 ден по килограм. Oвие статистички податоци се потврдени и од страна на релевантни институции. Затоа ние сметаме дека Со ваквите ниски откупни цени само се уназадува лозарството, кој е еден од значајните сектори во земјоделството, посебно за производство на вино кое е извозно ориентирано и значајно за БДП на државата, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.
Националната федерација на фармери со години наназад бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винарниците и согласно податоците откупната цена на грозјето треба да изнесува колку 16 ден по килограм за „смедеревка“ и 17 ден за килограм „вранец“. Исто така бараат стартот на бербата и скалата на шеќерните единици да ја одредуваат релевантни научни институции се со цел да нема манипулација околу цените и шеќерните единици.

(А.С.)