КРИЗАТА, ИНФЛАЦИЈАТА И „СЕВЕРНА” СО УШТЕ ЕДЕН УДАР ПО ЏЕБОТ НА ГРАЃАНИТЕ – ПОСКАПУВА ВАДЕЊЕТО ПАСОШИ, ЛИЧНИ КАРТИ И ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ   

Се крчкаат новите цени за вадење лични документи – нов пасош, лична карта, возачка дозвола, потврдуваат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за внатрешни работи, од каде што додаваат дека во тек е постапка за изменување на решението за цените на обрасците. Цената на пасошот за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1.500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Новата возачка дозвола ќе чини 410 денари, што е зголемување за 130 денари. Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: цената на пасошот по итна постапка ќе изнесува 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари

276

Граѓаните на Македонија, по серијата поскапувања на комуналните услуги, ги чека нов удар на семејниот буџет. Се крчкаат новите цени за вадење лични документи – нов пасош, лична карта, возачка дозвола, потврдуваат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за внатрешни работи, од каде што додаваат дека во тек е постапка за изменување на решението за цените на обрасците, по донесениот заклучок од Владата.

– Обрасците во моментов се издаваат по цените што важеа и досега. Со решението се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога ќе се објави решението во „Службен весник“ и ќе влезе во сила – велат од МВР.

Па така, цената на пасошот за лице до 27 години ќе остане непроменета и натаму ќе изнесува 1.500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2.000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари. Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка: цената на пасошот по итна постапка ќе изнесува 6.100 денари, што е зголемување за 1.600 денари. Цената на возачката дозвола по итна постапка ќе изнесува 1.230 денари, што е зголемување за 390 денари, соопштуваат за весникот ВЕЧЕР од МВР.

Како што информираат оттаму, промената на цените е „поради зголемените набавни цени на увезените обрасци, зголемените трошоци за одржување на системот кој се врши од страна на странски економски оператор, како и набавката на нови машини поради укажаната потреба од замена на веќе дотраените машини за персонализација, итн.“.

Оваа најава за покачување на цените на личните документи дополнително предизвикува револт кај граѓаните со оглед на тоа што, според обврските што произлегуваат од Преспанскиот договор, тие имаат законска обврска до февруари 2024 година да ги сменат сите лични документи на кои стои името Република Македонија во нови документи на кои ќе пишува Република Северна Македонија.

Покрај личните документи, граѓаните ќе треба да ги заменат и регистарските таблички на своите возила со ознака МК со нова NMK, а промената  ќе чини околу 1.500 денари.

Сопствениците на возила треба да поднесат барање за промена на регистарските таблички во овластени станици за технички преглед, каде што врз основа на барањето, на шалтерот на МВР се поднесува барањето за промена на регистарските таблички и од страна на референтот на МВР се издаваат нова сообраќајна дозвола и нови регистарски таблички на трошок на сопственикот на возилото. Цената на сообраќајната дозвола во моментов е 200 денари, а цената на регистарските таблички е 1.200 до 1.300 денари, во зависност од обликот на регистарската табличка, информираат од МВР и додаваат дека согласно со Законот за возила, доколку возилото е во сообраќај со поинакви регистарски таблички од пропишаните, предвидена е глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност. (П.Ч.)