Земјоделците лути – немаме есап, ќе се откажеме од производство!

Земјоделците се против замрзнувањето на цените на земјоделските производи. Според нив, одлуката е избрзана и може да предизвика затворање на оранжерии и замирање на градинарското производство во земјава бидејќи мораат да продаваат под производната цена. Трошоци за производство се превисоки, а има силна конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција кои имаат поблага клима и не користат енергенси за затоплување. Нивниот производ во старт е поевтин, а дополнително со увозните поволности станува многу поконкурентен од домашното производство

766

Одлуката за замрзнување на цените на земјоделските производи ги изреволтира земјоделците. Според нив, одлуката е избрзана и може да предизвика затворање на оранжерии и замирање на градинарското производство во земјава бидејќи мораат да продаваат под производната цена. Трошоци за производство се превисоки, а има силна конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција кои имаат поблага клима и не користат енергенси за затоплување. Нивниот производ во старт е поевтин, а дополнително со увозните поволности станува многу поконкурентен од домашното производство.

Стеванче Јорданоски, од Националната федерација на фармери за весникот ВЕЧЕР, вели дека државата не може одеднаш да ги замрзне земјоделските производи, без претходно да одреди производствена и загарантирана откупна цена под која не смее да се продава одреден производ. Од друга страна, во услови на намалено домашно производство и зголемени трошоци за производство, ова ќе биде уште еден удар врз земјоделците.

-Прво треба да се направи пресметка за производствената цена на земјоделските производи. Треба да се направи анализа за секој земјоделски производ и да се одреди една цена под која нема да може да се откупуваат земјоделските производи. Од друга страна, треба да се има предвид дека производството на раноградинарските култури е поскапо, бидејќи тие се под пластеници и потребно е затоплување. Цената исто така варира во зависност од тоа кој енергенс се користи за затоплување. Додека, пак, цената на земјоделските производи кои се произведуваат на отворено е пониска поради помалите трошоци за производство и тука треба да се направи разлика, објаснува Јордановски.

Според него, одлуката е избрзана и треба прво да се пресмета производствената цена на секој производ поединечно. Не може на Владата денес да ѝ текне, а утре да замрзне цени. Што се однесува до увозните производи и таму треба да се пресмета цената на чинење и некоја маржа за трговците за да имаат есап да работат.

-Треба да се има предвид дека се работи за лесно расиплива стока и не може секој производ да биде со иста цена. Така на пример оние земјоделски производи што се свежи и што се берени истиот ден обично се поскапи од оние што стоеле на пазар неколку дена. Исто така има класи на производи, производи кои се на акција… Поради тоа треба да се одреди цена на чинење на секој производ под која не може да се продава одреден производ и со која и земјоделците ќе имаат заработка. Вака уште повеќе се демотивираат земјоделците да произведуваат и да го зголемат домашното земјоделско производство, додава Јорданоски.

Земјоделците се согласни дека многу е тешко да се контролира пазарот на земјоделските производи, бидејќи се работи за специфична стока, која е расиплива.

– Репроматеријалите поскапеа за над 50 отсто, енергенсите, вклучувајќи ја и струјата поскапеа четири пати. Влезните трошоци се превисоки, а има силна конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција кои имаат поблага клима и не користат енергенси за затоплување. Нивниот производ во старт е поевтин, а дополнително со увозните поволности станува многу поконкурентен од домашното производство. Градинарското производство секоја година опаѓа поради високите трошоци, климатските промени и од недостиг на работна сила, а субвенциите за раноградинарското производство се ниски, велат сопственици на оранжерии.

Сметаат дека Владата, ако сака да ја регулира цената на градинарските производи треба да го откупи целокупното производство по производна цена, плус заработка, па потоа да утврдува висина на цена.

Инаку од денеска се замрзнува цената доматите, краставиците, пиперките, карфиол, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимоните.

Како што посочи министерот за економија Крешник Бектеши свежите домати нема да може да се продаваат повеќе од 70 денари, краставиците нема да може да се продаваат повеќе од 75 денари. Највисоката цена на кромидот ќе изнесува 60 денари, за карфиолот 70 денари, пиперките 90 денари, највисока цена на гравот е утврдена 75 денари, за леќата 110 денари, бананите 70 денари, портокалите 55 денари, мандарините 60 денари и лимоните  55 денари.

(А.С.)