За половина година дрвокрадците во својот џеб пикнале милион евра, се краде дрво и од националните паркови 

Од ЈП „Национални шуми“ велат дека од јануари до јуни годинава бесправно се исечени 9.383 кубни метри дрвна маса. Доброупатени велат дека кубик огревно дрво на црниот пазар достигнува и до 100 евра. Значи за половина година во џебовите на дрвократците влегле нешто помалку од милион евра. Глобите се речиси смешни (од 15 до 250 евра за физичко лице) со оглед колку дрвократството цвета и е доходовен бизнис за оние кои ги пустошат шумите 

82

Покрај бесправната градба и урбанизацијата, најголема закана за националниот парк Галичица е дрвократството, кое во најголем дел го врши локалното население. Пред неколку дена полициски службеници и претставници на Шумската полиција од Охрид извршија контроли на шумскиот појас „Мазатар“ на планината Галичица. Притоа, во одделот 14 со кој стопанисувал правен субјект со седиште во Охрид забележани се 32 бесправно пресечени букови стебла и се запленети над 200 кубни метри бесправно исечени дрва. А МВР поднела кривични пријави за пустошење на шума и кражба.

Вакви известувања од МВР речиси секојдневно се објавуваат и нема шумски регион во Македонија кој не е нападнат од дрвокрадци, на кои, во услови кога цената на огревното дрво урива рекорди, им е навистина доходовен бизнис.

Од ЈП „Национални шуми“ за весникот ВЕЧЕР велат дека најзагрозени региони од дрвократство се подружниците: Караџица – Скопје, Јабланица – Струга, Лопушник – Кичево и Црн Бор – Прилеп каде се евидентирани најмногу нарушувања со бесправно посечена дрвна маса.

– За периодот од јануари до јуни годинава во регистрираните бесправни сечи, а согласно обработените податоци со кои располага Секторот за заштита на шумите, надзор и внатрешна контрола, утрврдена е бесправно посечена дрвна маса од 9.383 кубни метри. За сторените дела – бесправни сечи, шумочуварската служба на ЈП „Национални шуми“ има поднесено 98 прекршочни пријави и 19 кривични пријави – потенцираат од ЈП „Национални шуми“.

Доброупатени велат дека кубик огревно дрво на црниот пазар достигнува и до 100 евра. Значи за половина година во џебовите на дрвокрадците влегле нешто помалку од милион евра. Од „Национални шуми“ потенцираат дека дрвокрадство, односно бесправна сеча имало отсекогаш.

– Тешко се застанува на пат на оваа појава, но ние како претпријатие правиме максимални напори тие да бидат што помали, а на надлежните повисоки инстанци е да определат поголеми казни и редовно и на време да се спроведуваат, што секако ќе влијае на намалување на дрвокрадството – велат од шумското претпријатие. 

Согласно обработените податоци, во текот на 2020 година во регистрирани бесправни сечи е утврдена дрвна маса од 26.615 кубни метри и таа ковид година биле поднесени 466 прекршочни и 84 кривични пријави. Минатата година пак, во бедправни сечи се украдени 23.824 кубни метри и се поднесени 199 прекршочни и 72 кривични пријави.

Ако се направи споредба колку дрвна маса е украдена во првата половина од 2020 година (12.245 кубни метри), 2021 (9.279 м3)и 2022 година (9.383 м3), од јавното претпријатие велат дека нема пораст на бесправните сечи оваа година во однос на 2021 и 2020 година на ниво на „Национални шуми“.

Од ЈП „Национални шуми“ потенцираат дека казнената политика во однос на пожарите и бесправните сечи е доста блага и несоодветна и истата не ги обесхрабрува прекршителите и не придонесува за спречување на бесправните дејствија во шумата.

– Глобите утврдени во Законот за шуми се многу повисоки со однос на глобите во Законот за прекршоци, Законот за прекршоци во областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културносто наследство, заштита од природни и други непогоди. Согласно овие закони глобите се од 15 до 250 евра во денарска противввредност за физичко лице и од 15 до 500 евра за одговорно лице во правно лице и овластено службено лице – велат од „Национални шуми“.

Оттука и заклучокот зошто цвета дрвокрадството во државата и дека благите казни го аминуваат крчмењето на шумите кои се нашето природно богатство.

Од неодамна ЈП „Национални шуми“ има нов ценовник за продажба на бука и даб. Оттаму велат дека иако цените се повисоки од порано, побарувачката на огревно дрво е во пораст.

– И со новите цени кубен метар огревно дрво во нашите складишта е поевтино од приватните складови кои вршат промет на дрво и дрвни асортименти – истакнуваат од „Национални шуми“.

По сето горе кажаното логично се поставува прашањето, зошто граѓаните би купувале огревно дрво од дрвокрадци ако е со повисока цена од легалните стоваришта – било тие да се на ЈП „Национални шуми“ или од регистрирани приватни складови. Одговорот би бил, затоа што во леганите стоваришта секогаш го нема на залиха и мора да се чека со недели да го донесат, а оние кои бесправно го крадат веднаш го носат на бараната адреса.

Македонските шуми нападнати и од ловокрадци

Македонските шуми се нападнати и од ловокрадци. Униформирани полицајци денеска во акциска контрола во 132 реони каде се врши ловство, констатирале шест кривични дела „незаконит лов“ по член 228 од Кривичниот законик и еден прекршок по член 83А од Законот за оружје.

– Во 6 часот во Богданци, кај рампата за ветерници, шест лица биле затекнати при незаконит лов и од нив биле одземени осум ловечки пушки и повеќе парчиња патрони и муниција. Притоа, од Љ.Ш.(60) од село Стојаково била одземена ловечка пушка „БАИКАЛ“ и 18 патрони калибар 12мм., од П.Ѓ.(42) од Валандово биле одземени ловечка пушка „БАИКАЛ“, ловечка пушка „Чешка Збројевка“, 15 патрони и 19 куршуми, од Т.Т.(35) од Богданци биле одземени две ловечки пушки „БАИКАЛ“ и 15 патрони 12 мм, од В.Б.(47) од с.Ѓавато биле одземени ловечка пушка „БАИКАЛ“ и 26 патрони 12 мм, од К.Б.(37) од с.Ѓавато биле одземени ловечка пушка „Бергара“ и 18 куршуми калибар 30 60 и од Л.П.(32) од с.Ѓавато биле одземени ловечка пушка „Хуглу“ и 17 патрони калибар 12 мм – информираат од МВР.

Во 6.45 часот, пак, на место викано „Витанска крстосница“, на подрачјето на Чашка, од И.Т.(61) од село Горно Оризари биле одземени ловечка пушка ,,М-80“ и 12 патрони 12 мм, поради сторен прекршок по член 83А од Законот за оружје.

По целосно документирање на случајот против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.