Вучиќ: Немаме поблизок народ од македонскиот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Светосавската свечена академија што се одржа во Скопје, по повод националниот празник на Србите, порача дека Србите немаат поблизок народ од македонскиот и нагласи дека Србија не бара ништо од Македонија, ниту промена на Уставот ниту што било друго, но дека бара само едно – да се градат уште подобри односи. Тој забележа дека дошле повеќе луѓе на свеченоста во главниот град на Македонија отколку што излегле вечерта, на протестот на приврзаниците на српската опозиција. Претседателот Стево Пендаровски истакна дека добрососедството, втемелено на заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион.

1236

Јас не се плашам да кажам дека Македонците ни се најблизок народ, ние поблизок народ немаме, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Светосавската свечена академија што се одржа во Скопје, по повод националниот празник на Србите. Српскиот претседател упати порака дека Србија не бара ништо од Македонија, ниту промена на Уставот ниту што било друго, но дека бара само едно – да се градат уште подобри односи меѓу двете земји.

– Ние немаме поблизок народ од македонскиот и јасно го кажувам тоа пред целата српска и македонска јавност. Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за што било. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Немаме ниту еден меѓусебен проблем. Мислам дека најважно е ние и Македонците да градиме што е можно поблиски односи. Ништо не бараме, ги сакаме нашите браќа и сестри Македонци и верувам дека овој договор, кој стапува на сила на 1 март, за заедничките работни дозволи и единствениот пазар на труд ќе придонесе за уште поблиска соработка – изјави Вучиќ пред новинарите.

Српскиот претседател нагласи дека двете земји имаат поставено големи цели и ги повика Македонците да учествуваат во големиот проект ЕКСПО 27 со свои компании и работници.

– Заедно да работиме, да заработуваме и да ги градиме Србија и Северна Македонија, а што се однесува до зачувувањето на нашите јазик и писмо, мислам дека сè што правиме – дава резултати. Го видовте ентузијазмот на нашиот народ вечерва. На сите им го честитам празникот Свети Сава, најголем за сите Срби – рече Вучиќ.

Во својот говор, Пендаровски истакна дека врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество и дополни дека Српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина.

– Добрососедството втемелено на заемно почитување и соработка врз рамноправни основи е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион. Оваа традиционална Светосавска академија е уште една прилика на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на обединета Европа – изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски, на Светосавската свечена академија.

Квалитетните меѓуетнички односи, посочи Пендаровски, ги надополнуваат и добрите односи меѓу двете пријателски држави, потенцирајќи дека пред две години, јавноста била сведок на обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Српската православна црква.

– Иако и Македонија и Србија се со устав дефинирани како секуларни држави, сепак, православните цркви низ целата наша историја, исто како и денес, се важни не само за духовниот идентитет на православните христијани туку и за националниот и за културниот идентитет на македонскиот и на српскиот народ. Република Србија и Српската православна црква имаа конструктивен став кон ова, за нас, исклучително важно прашање, за што сум особено благодарен – посочи Пендаровски.

Овој историски настан, додаде, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите заемни односи туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Свети Прохор Пчињски“.

Нагласи дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа и на глобално ниво, на Западен Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија од 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување.

Иван Стоилковиќ, претседател на Организацискиот одбор за одбележување на националниот ден на Србите во Македонија, посочи дека оваа Светосавска академија е најдобра од сите 14 претходни, поради тоа што на неа за првпат е присутен претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а за првпат е присутен и претседателот Стево Пендаровски.

Во Македонија, традиционално, повеќе години наназад се одбележува  Светосавската академија по повод националниот ден на Србите. На свечената Светосавска академија присуствуваа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на партијата, Александар Николоски. Светосавска повелба доби и македонскиот поет и писател, академик Влада Урошевиќ.

МС

БГНЕС: Вучиќ, од Скопје, се вклучи во антиевропската реторика

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, отворено се приклучи кон антиевропската реторика и пропаганда за блокада на Северна Македонија, напиша бугарската агенција БГНЕС, информирајќи за обраќањето на Вучиќ на Светосавската свечена академија, каде што изјави тој дека не бара ништо од Македонија, ниту промена на Уставот. БГНЕС го пренесува обраќањето на Вучиќ и наведува дека тој порачал дека Србија не бара од Македонија промена на Уставот и дека тоа е внатрешно прашање на земјата.

Агенцијата потоа нагласува и потсетува дека без промена на Уставот, земјава не може да ги продолжи преговорите со ЕУ и дека тоа е влезено и во преговарачката рамка.