Во Арачиново нема даночни обврзници, Центар и Карпош со најголема наплата

966

Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 627 милиони денари, односно 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава кој изнесува 1,3 милијарди денари или 21 милион евра, се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.

Ова стои во резултатите од истражувањето и базата на податоци на пресметан и наплатен данок на имот за сите општини за 2017, 2018 и 2019 година што ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Оттаму соопштуваат дека просечниот процент на наплата на данокот на имот во овие 3 години изнесувал 81 процент.

– Шеесет отсто од данокот на имот го собираат десет општини. Според тригодишните просеци во оваа група се Центар (2,3 милиони евра), Карпош (2 милиони евра), Аеродром (1,4 милиони евра), Кисела Вода (1,3 милиони евра), Гази Баба (1,2 милиони евра), Илинден (694 илјади евра), потоа Охрид, Битола, Куманово и Кавадарци (646 илјади евра) – се наведува во извештајот на ЦГК.

Значително поголем дел од наплатениот данок, односно 70 проценти доаѓа од граѓаните, а останатиот дел од 30 отсто се наплаќа од фирмите. Односно, од граѓаните, годишно, за данок на имот се прибираат просечно по 910 милиони денари, односно 14,8 милиони евра. Наспроти ова, од правните лица се прибираат по 382 милиони денари, односно 6,2 милиони евра .

Доколку се земе предвид наплатата на данокот на имот само од граѓаните, тогаш на врвот е Општина Карпош со наплатени 1,5 милион евра. Втора е Центар со 1,4 милиони, трета е Аеродром со 1,1 милиони евра, четврта Кисела Вода со 1 милион евра.  

Во листата на општини со најголеми приходи од правни лица се општините чии приходи на годишно ниво се движат од 895 до 212 илјади евра. И на оваа листа првите четири места се на скопските општини Центар (900 илјади денари), Гази Баба (613 илјади), Илинден (585 илјади) и Карпош (485 илјади).

Гледано на ниво на општини, просечната годишна вредност на наплатениот данок на имот се движи од 141.613.965 денари (2,3 милиони евра) во Општина Центар, до нула денари во Арачиново, каде воопшто и не издаваат решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

(С.Бл.)