Ако Владата не ги врати субвенциите по старо, државата ќе остане без овци

Сточарите бараат враќање на субвенциите по старо, во спротивно се заканија со протести. Одгледувачите на овци се револтирани од власта која им ги намали субвенциите кога треба да се зголемат бидејќи сè е поскапено, струја, нафта, сточна храна... Бројот на сточарите секоја година се намалува, а како што велат ако државата продолжи со ваквата погубна политика, ќе остане без овци. Според информациите на МЗШВ, во државата има 630 илјади овци, но според сточарите тој број е многу помал. Тоа го покажуваат и податоците од кланичните капацитети каде што се предаваат јагнињата

324

Сточарите се незадоволни од намалувањето на сувенциите предвидени во програмата на Владата за 2022 година. Бараат средба со надлежните и враќање на старите субвенции наместо скратени за да можат да опстанат во време кога се е поскапено. Ако за една недела не добијат одговор на нивните барање, најавуваат протести, бидејќи како што велат, не можат да ги прехранат грлата, ќе почнат да ги продаваат стадата и да се откажуваат од сточарството.

Тие лани добиваа по 1.300 денари субвенција по грло, 1.000 денари за задржано женско јагне и интервентна мерка од 400 денари додека годинава субвенцијата за грло е скратена на 1.000 денари, а за задржано женско јагне на 700 денари, додека пак интервентната мерка од 400 денари сега е редовна мерка.

Одгледувачите на овци се револтирани од власта која им ги намали субвенциите кога треба да се зголемат бидејќи сè е поскапено, струја, нафта, сточна храна…

-Со новите мерки сточарите за 2022 година ќе земаат за 2,5 отсто помалку субвенции по грло. Срамно и понижувачки е кога сè е поскапено да ни ги намалуваат субвенциите. Со овие цени не можеме да опстанеме, бидејќи ќе немаме пари да ги прехраниме грлата. Бараме под итно да се исплатат субвенциите за 2021 година и да се вратат по старо, односно 1.300 денари за грло, 1.000 денари за задржано женско јагне и мерката од 400 денари да остане интервентна мерка. Се наоѓаме во многу тешка финансиска состојба, не можеме да ги прехраниме грлата и ќе бидеме принудени да ги продаваме овците, вели за ВЕЧЕР, Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“ од Велес.

Сточарите се прашуваат зошто ако државата сака да ни помогне им ги намалија основните субвенции од 1.300 на 1.000 денари. Бројот на сточарите секоја година се намалува, а како што велат ако државата продолжи со ваквата погубна политика ќе остане без овци.

-Моменталната откупна цена е од 160 до 165 денари за килограм жива мера, која е под производствената и цената пресметана од Институтот за сточарство, која изнесува 184 денари за килограм жива мера. Последниве години откупните цените не отепаа, а државата со нејзината погубна политика не дотепа. Го допревме дното не можеме повеќе да издржиме, се жалат сточарите.

За да ги намират давачките и да имаат одредена заработувачка, велат дека откупната цена треба да биде минимум 180 денари за килограм, бидејќи трошоците за храна секоја година се сè повисоки. Но, немаат друг излез и се принудени да ги продаваат јагнињата по многу пониска цена.

Според информациите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во државата има 630 илјади овци, но според сточарите тој број е многу помал. Тоа го покажуваат и податоците од кланичните капацитети каде што се предаваат јагнињата.

Дека државата ги остава на цедило сточарите, обвинија и од опозициската ВМРО- ДПМНЕ од каде што посочија и дека во ек на економска криза власта донела програма со која парите за земјоделските субвенции се намалени за 40 милион евра.

(А.С.)