Снег ја најави пролетта

147

Иако календарски започна пролетта, зимата изгледа како да продолжува. Вчера утрината скоро низ цела Mакедонија вееше снег.

Снежна покривка од неколку сантиметри утринава имаше во Гостивар. Пролетен снег го изненади и Дебар, каде што вчера утрото снежната покривка достигна и 20 сантиметри. Во Маврови Анови и на брегот на Мавровското Езеро дебелината на снежната покривка достигна над 15 сантиметри, додека на скијачките патеки на планината Бистра повеќе од дваесеттина сантиметри.

Снег има во Пожаране каде снежната покривка е девет сантиметри, во Лазарополе осум сантиметри, во Тетово пет сантиметри, во Крива Паланка четири сантиметри, во Куманово и Ѓуриште три и во Крушево и Берово два сантиметри. Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи повремени врнежи од снег се очекуваат и во текот на следните два дена.

Снегот што наврна низ нашава држава укажува на тоа дека нашата територија и понатаму ќе биде под влијание на циклонска активност и на изразен влажен и студен воздушен бран. Токму поради ова и на почетокот од неделава ќе имаме облачно време со врнежи од дожд и снег на повисоките места и на планините. На повеќе места врнежите ќе бидат поинтензивни (локално над 35 л/м2 воден талог). На повисоките места ќе се формира нова снежна покривка, додека на планините истата значително ќе се зголеми ( локално и за околу 50 сантиметри, можно и повеќе).

Времето утре ќе биде облачно со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места ќе врне снег. Сe очекува да дува повремено силен северен ветер со над 60 км на час. Температурата во земјава ќе се движи во интервал од -3 до 4 наутро, а во текот на денот максималната температура ќе достигне до 11 степени. Кон крајот на денот на планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а нова од околу 15 сантиметри ќе има и речиси насекаде во западните и североисточните делови. Мала снежна покривка до околу 5 сантиметри ќе се формира и во Скопската Котлина.

Од утре до среда ќе дува повремено силен ветер од северен правец (локално и над 60 км/час). Во Скопје не очекува облачно време со услови за дожд и температура од -1 до 6 степени.

Најобилни ќе бидат врнежите во источните делови од државата каде се очекува формирање на снежна покривка и над 20 сантиметри. Во останатите подрачја можна е помала снежна покривка, главно околу пет сантиметри, освен на планините каде се очекува повисока снежна покривка. Според прогнозата на синоптичарите, облачното време ќе се задржи до сабота, но врнежите поради затоплувањето ќе бидат главно од дожд.

Од Авто мото сојузот на Македонија соопштуваат дека сообраќајот се одвива во отежнати услови поради што се препорачува поголема внимателност. Забрана за тешки товарни возила вчера изутрината имаше на планинскиот премин Ѓавато, патните правци Охрид – Ресен,Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар- планински превој Стража-Кичево и Струга-граничен премин Ќафасан.

-Сообраќајот на останатите патишта во Македонија се одвива без забрани и застои, по влажни коловози. На повисоките делови во западниот дел од земјава има остатоци од снег на колозовот, но нема забрана за сообраќај. Метеоролозите и за следните неколку дена предвидуваат студено и врнежливо време-информираат од АМСМ.

(А.П.)