Се градат згради без паркинзи, и автомобилите се на улица

841

Жителите од повеќе населби на територијата на Општина Гази Баба се жалат на недостиг од паркинг-места. Тие реагираат на социјалните мрежи дека поради тоа се принудени да ги оставаат своите автомобили на улиците и на тој начин да го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот.

Со овој проблем особено се засегнати жителите од населбата Автокоманда, кои велат дека поради паркираните возила и од десната и од левата страна на улиците, особено во 16 часот, не може да се помине. Слична е состојбата и во Маџари и, како што велат, хаотично е и во Ченто. Причината за тоа ја гледаат во постојаното градење згради и објекти, за кои не се обезбедуваат паркинг- простори. Затоа граѓаните бараат еднаш засекогаш да се реши овој проблем и да се воспостави ред.

Гордана Михајловска смета дека на Автокоманда ѝ е потребна катна гаража.

– Автомобилите се на улиците. Треба да се задолжат инвеститорите да направат катна гаража, бидејќи само прават надградби на старите згради. Со тоа, тие земаат голем профит, а ние, жителите, имаме проблем – вели таа и додава дека инвеститорите треба задолжително да ги направат и постојните паркинзи пред зградите, кои се уништени, на пример, на улицата „Лазар Поп Трајков“ број 30.

И жителите на улицата „Жан Жорес“ во Маџари очекуваат градоначалникот Стефковски да воспостави ред во паркирањето. Горан Јовчевски, пак, смета дека не може да се реши проблемот со паркирањето бидејќи само се градат згради. Нема паркинзи ниту за станарите, а за дуќаните во зградите не станува збор.

Што се однесува за проблемот со паркирањето во Автокоманда, од Општина Гази Баба велат дека во изминатиов период била спроведена анкета меѓу домаќинствата, според која мнозинството од граѓаните се определиле за воведување зонско паркирање како решение на проблемот.

– По анкетата, Општината презема активности за реализирање на зонското паркирање, а дополнително на улицата „Лазар Поп Трајков“ е подготвен проект за изградба на нови паркинг-места со косо паркирање – одговорија од локалната самоуправа.

Од Општината информираат дека во Маџари, низ дијалог со месната заедница, ќе се утврдат приоритетите за изградба на нови паркинзи, кои во следниот период ќе бидат реализирани.

(А.П.)