Реконструирана улицата „Востаничка“ во Кисела Вода

173

Заврши реконструкцијата на улицата „Востаничка“ во општината Кисела Вода. Оваа значајна сообраќајница се реконструираше на потегот од улицата „Црниче“ до улицата „Свети Наум Охридски“. На делницата долга 1.100 метри се обновени коловозот и рабниците, а се реконструирани и тротоарите со замена на бекатон-плочките, онаму каде што беше неопходно.

– На барање на граѓаните, на тротоарите на раскрсниците на улицата „Востаничка“ ќе бидат поставени столпчиња за да се зголеми прегледноста и безбедноста на раскрсниците, за сите учесници во сообраќајот. При оваа реконструкција е решен и еден горлив проблем што со години ги мачеше граѓаните од овој дел на градот – на улицата „Востаничка“ беше обновена водоводната мрежа и беа изработени нови 76 приклучоци во водоводната мрежа за да се обезбеди континуирано и квалитетно водоснабдување – велат од Град Скопје.

Улицата „Востаничка“ е продолжение на улиците „Бихаќка“ и „Црниче“ кои беа реконструирани минатата година.