Не сакаме згради во населбата Лисиче!

1697

Велат дека Општината Аеродром на нетранспарентен начин и исклучиво на нивна штета се обидува да го протурка новиот предлог ДУП за кој потенцираат, оние жители што го виделе, дека предвидува т.н. урбанизација, изградба на згради, нови улици кои ќе минуваат низ нивните дворови и куќи. – Не сакаме згради, како што се планира со предлог ДУП-от. Истото мислење го имаат сите мои соседи, кои не сакаат да ѝ ги дадат своите дворови на градежната мафија или на поединци – вели еден жител на овој блок.

Од Општина Аеродром за весникот ВЕЧЕР нагласија дека посочениот ДУП е изработен пред неколку години. Во него, најголемиот дел од парцелите, односно повеќе од  95 %, се наменети за А1-објекти за индивидуално домување, односно за семејни објекти. – Најважно од сè е дека тој во ниту еден случај не предвидува изградба на стотици згради. Напротив, решава проблем на стотици граѓани во овој дел од Општината – велат од локалната самоуправа

 

Со пораките „Спречете ја бетонизацијата на населбата Лисиче“ и „Стоп за градежниот хаос“, жители на оваа скопска населба се спротивставуваат на она што го предвидува предлог деталниот урбанистички план за градскиот кварт ЈИ09 блок 09.01, кој од 30 март до 13 април е изложен во просториите на основното училиште „Димитар Македонски“.

Велат дека Општината Аеродром на нетранспарентен начин и исклучиво на нивна штета се обидува да го протурка новиот предлог ДУП за кој потенцираат, оние жители што го виделе, дека предвидува т.н. урбанизација, изградба на згради, нови улици кои ќе минуваат низ нивните дворови и куќи. Имено, овој блок граничи со пругата од југ,  булеварите „Србија“ од запад и „12. Македонска бригада“ од север и во него има само куќи за индивидуално живеење.

– Не сакаме згради, како што се планира со предлог ДУП-от. Истото мислење го имаат сите мои соседи, кои не сакаат да ѝ ги дадат своите дворови на градежната мафија или на поединци – вели еден жител на овој блок.

Смета дека нивната населба е и така густо населена.

– Не сакаме бетонизација на нашата најзагадена населба во земјава и во светот, која и така со децении дише на жабри – вели тој.

Ги повикува своите соседи да реагираат со пополнување на анкетните листови со цел да ја спречат, како што вели, бетонизацијата на Лисиче.

Од Општина Аеродром за весникот ВЕЧЕР нагласија дека посочениот ДУП е изработен пред неколку години, пред доаѓањето на Тимчо Муцунски за градоначалник во Општина Аеродром.

– Во него, најголемиот дел од парцелите, односно повеќе од 95 %, се наменети за А1-објекти за индивидуално домување, односно за семејни објекти, што кажува за фактот дека со него се решаваат инфраструктурни и сообраќајни проблеми. Но,  неговото донесување ќе значи и забрзување на процесот на решавање на веќе поднесените барања за легализација на бесправно изградените индивидуални објекти во ова населено место. Најважно од сè е дека тој во ниту еден случај не предвидува изградба на стотици згради. Напротив, решава проблем на стотици граѓани во овој дел од Општината – велат од локалната самоуправа.

Оттаму нагласуваат дека целата постапка за измена на постојниот ДУП е јавна, транспарентна и во согласност со законите.

– Токму поради тоа, во тек е јавната анкета, преку која граѓаните со свои забелешки и сугестии може да даваат предлози за негова корекција и доработка. И во таа насока, уште еднаш ги повикуваме граѓаните да го погледнат планот, да ги пополнат анкетните листови и да се уверат за што станува збор. Воедно, да увидат дека информациите што се пласираат во јавноста се целосна лага и невистина. Токму забелешките од граѓаните ќе бидат основа за носење поквалитетен детален урбанистички план, а финалната верзија од ДУП-от ќе биде изработена по завршувањето на јавната анкета и во неа ќе бидат земени предвид мислењата и ставовите на граѓаните што живеат во овие населени места – истакнуваат од Општина Аеродром.

Оттаму потенцираат дека Општината ги носи одлуките во консултација и соработка со граѓаните.

 – Фактот дека за конкретниот ДУП веќе тече постапка на консултација со јавноста е уште една потврда за тоа. Општината Аеродром, преку стручните служби, стои целосно на располагање за сите прашања и забелешки на граѓаните – велат од Општина Аеродром.