Додека се уште актуелниот европски шампион Вардар се предава во рацете на стариот сопственик Михајло Михајловски, поранешниот негов најголем ривал тимот на Металург не седи со скрстени раце. Клубот од „Автокоманда“ веќе го донесе второто засилување за наредната сезона. По Србинот Момир Рниќ, раководството на клубот го обезбеди потписот на црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш, кој сезонава ја заврши во тимот на Мешков Брест. Тој со поранешниот македонски шампион потпиша договор на една година.

Кружниот напаѓач играше за репрезентацијата на Црна Гора на последното ЕП во Австрија.  Канкараш (32г., 188 см., 103 кг.) во својата кариера настапувал за српските екипи Југовиќ (2006-2013), Металопластика (2013-2014) и Војводина (2014-2015), турскиот Мерзин (2014-2015), француските Валанс (2015-2017) и Истр (2018-2019), како и белорускиот Мешков Брест (2019-2020). Канкараш има искуство и во настапите во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.

Во Металург ќе им прави друштво на Милан Лазаревски и уште еден Црногорец, Лука Вујовиќ.

Металург наредната сезона ќе се обиде да ги изненади најголемите ривали Вардар и Еурофарм Пелистер и покрај тоа што одаман не бил на нивото од 2013, 2014 и 2015 година кога играше во четвртфиналето во Лигата на шампионите и беше страв и трепет и во македонскиот шампионата. Што е најважно тимот ги враќа долговите и во наредниот период може да се видат многу добри имиња во тимот од Автооманда.