Македонскиот олимпиец од Владата и АМС ќе добие парична награда од  вкупно 30.000 евра, што е драстично помала во споредба со наградите кои ги добиваат медалистите од другите земји во светот, па и од Балканот

Сè почесто сме сведоци на тоа како некои земји ги наградуваат освојувачите на медали од Летните олимписки игри во Токио. Станува збор за навистина големи награди за тоа што го направиле за својата земја. Најчесто се работи за парични награди, но има земји во кои медалот се вреднува многу повеќе.

Награда за освоениот сребрен медал на олимписките игри ќе добие и македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски. Тој ќе биде награден со 1.200.000 денари од Владата на Македонија, додека на неговиот тренер Дарко Костадиновски ќе му биде доделена награда од 600.000 денари. Дејан ќе биде награден со 600.000 денари и од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Но, оваа награда е „мачкина кашлица“ во споредба со наградите кои ги добиваат спортистите од другите земји во светот.

Имено, Филипинката Хидилин Дијаз, која се закити со златото во кревање на тегови, поточно освои златен медал во категоријата до 55 килограми со подигнати 224 килограми, што наедно е нов олимписки рекорд, ќе биде богато наградена.

Таа  ќе добие 33 милиони пезоси или околу 550.000 евра. Исто така од компанијата за недвижности „Мегаворлд“, која е во сопственост на милионерот Ендрју Тан, ќе добие стан во Иствуд сити, луксузна населба во градот Квезон сити, а од авиокомпанијата „Ер Азија груп“ ќе добие доживотен бесплатен билет за повеќе од 140 дестинации во светот.

Повисоки награди од нашиот Дејан ќе добијат и речиси сите освојувачи на медали од поранешните југословенски републики. Најголема награда за своите спортисти дава Косово. Во прашање е 100.000 евра за злато, 50.000 за сребро и 30.000 евра за бронза. Србите за освојување злато на своите олимпијци ќе им дадат награда од 70.000 евра, среброто ќе биде наградено со 60.000 евра, а бронзата вреди 50.000 евра.

Дури и Црна Гора дава солидна сума за злато 35.000 – 30.000 и 25.000 евра, а Словенија за злато дава 40.000 евра, среброто е вредно 17.500 евра, а бронзата 15.000 евра.