За две недели, две средби на новите премиери – што ќе се договара во Софија?!

Во пресрет на денешната седица на двете влади, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, вчера во  интервју за утринската програма на бугарската телевизија БТВ  изјави  дека не гледа пречки Бугарите да бидат вклучени во македонскиот Устав и смета дека, како што Албанците и другите заедници имале корист од Рамковниот договор, така и Бугарите би можеле да бидат вклучени во него. Според Османи би било добра идеја за преговорите меѓу Софија и Скопје, доколку и Бугарија, како и Македонија, направи измени во составот на Мешовитата комисија за историски прашања.

47

Владин тим, од 16 министри предводен од премиерот Димитар Ковачевски од вчера е во официјална посета на Софија, а за денеска во резиденцијата „Бојана“  е закажана заедничката седница на владите на владите на  Македонија и на Бугарија.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер  Кирил Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои интензивно треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка, која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција на Македонија и Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.

Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи,  министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.

Со втората група од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.

Копретседавачи на третата работна група од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.

Со четвртата работна група од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

На заедничката прес-конференција во Скопје за време на посетата на Петков, Ковачевски нагласи дека историската Комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија ќе треба да информираат за тоа што го договориле.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи историјата ќе биде ставена во втор план, фокусот ќе биде на градење на добрите односи  меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок.

За денес е најавена и средба со старо-новиот претседател  Румен Радев, кој во саботата беше инаугуриран. Премиерот Димитар Ковачевски ќе биде прв гостин на Радев во неговиот втор мандат.

Во меѓувреме, во пресрет на денешната седица на двете влади , шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, вчера во интервју за утринската програма на бугарската телевизија  БТВ  изјави  дека не гледа пречки Бугарите да бидат вклучени во македонскиот Устав и смета дека, како што Албанците и другите заедници имале корист од Рамковниот договор, така и Бугарите би можеле да бидат вклучени во него.

Според Османи би било добра идеја за преговорите меѓу Софија и Скопје, доколку и Бугарија, како и Македонија, направи измени во составот на Мешовитата комисија за историски прашања.

„Во време кога климата се влошува, а историчарите губат храброст и се трудат да не ги попречуваат политичарите, во овие повеќе од две години, можеме да направиме анализа на досегашното искуство, без да земеме конкретен пример. Досега сменивме двајца претставници во Комисијата, Бугарија нема промена во составот, можеби треба да има корист од нашето искуство, но јас не прејудицирам таков чекор“, вели Османи во интервју за БТВ.

Тој коментираше и за едно од главните барања од бугарската страна за укинување на ветото за Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ – вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

„Република Северна Македонија во светот е позната по степенот на колективните права на граѓаните, особено по потпишувањето на Рамковниот договор со кој се воспоставија односи меѓу државата и етничките заедници. Не гледам ништо проблематично за која било друга етничка заедница да се вклучи, да се интегрира, но и да покаже одговорност и лојалност кон државата. Конкретно, можам да зборувам за Рамковниот договор, како претставник на етничка заедница која имаше корист од Рамковниот договор, но тоа не беше само за Албанците и Турците, Србите, Власите и Ромите, туку може и Бугарите станат дел од него“, рече министерот. „Македонското општество не бега од темата за жртвите од комунизмот и подготвени сме да го започнеме овој процес. Целта е ова прашање повеќе да не биде мит и да не се користи на ничија политичка агенда“, вели во интервју за БТВ, Османи.