Гази Баба го раскинува договорот со косовскиот инвеститор

3709

Заглави изградбата на општинската зграда на Гази Баба. Незадоволна од постигнатиот договор на претходното раководство со инвеститорот, општина Гази Баба почна судска постапка за негово раскинување.

Договорот беше склучен помеѓу претходниот градоначалник, Борис Георгиевски и правниот субјект, инвеститорот од Косово „УТП Дино ДООЕЛ“, којшто беше избран во постапката спроведена од Општина Гази Баба.

– Постапката сè уште не е завршена. По нејзино правосилно завршување, во зависност од исходот ќе бидат преземени дополнителни мерки и активности – велат од Општина Гази Баба.

Оттаму додаваат за да не се наштети на судската постапка, која е во тек, тие не се во можност да изнесат детали од неа.

Инаку, договорот со инвеститорот од Косово „УТП Дино ДООЕЛ“ беше потпишан кон крајот на декември 2019 година. Зградата требаше да има приземје и шест ката, а под неа требаше да има подземен паркинг на две нивоа и да биде изградена на местото на старите бараки, спроти хотелот „Континентал“. Во општинската зграда требаше да биде сместена општинската администрација и вработените од подрачните единици на министерствата, кои се во рамките на Општината.

Како што тогаш објасни градоначалникот Борис Георгиевски, инвеститорот од Косово „УТП Дино ДООЕЛ“ го купил земјиштето, кое опфаќа две парцели, а за сметка на тоа е должен да ја изгради општинската зграда на едната парцела и тоа до клуч на рака, а на другата добива можност да гради станбено-деловен објект. Инаку, земјиштето беше продадено на лицитација по цена од 1.400 денари за квадратен метар.

Парцелата каде што требаше да биде општинската зграда е со површина од 5.000 квадратни метри, додека другата парцела е со површина од 42.000 квадратни метри. Општинската зграда требаше да чини 2,5 милиони евра и да започне да се гради во 2020 година.

(А.П.)