За богата велигденска трпеза се потребни 395, а за скромна 116 евра, пресметаа хрватските синдикати

54

Содржината на празничните кошници, кои ги анализирале синдикалците, се разликува по видот на месото и рибата, количествата на одредени производи, на пример видови на колачи, грицки, пијалаци… но и по квалитетот и потеклото. Па така, побогатите за празникот можат да ја испочитуваат традицијата, па јадат бакалар, јунешко и колачи, средно ситуираните можат да си дозволат ослиќ,   сардела и сушена лопатка, а за посиромашните нема колачи, туку само пилешко и евтин пијалак 

 

Католиците го слават Велигден, но повеќето со многу поскромна трпеза од порано. Последниве години инфлацијата ги јаде домашните буџети на обичните луѓе секаде низ светот, а тоа многу убаво го чувствуваат жителите на земјите од Балканот, каде што стандардот е најнизок во Европа.

Растот на цените на прехранбените производи не запира неколку години, сериозно празнејќи ги паричниците на граѓаните, особено во време на празници, како сега.

Хрватскиот портал Индекс направи пресметка колку поскапела велигденската трпеза во последниве четири години.

– Продавниците се преполни со муштерии кои прават големи набавки на прехранбени производи, кои традиционално се консумираат во Хрватска за Велигден. Цените на храната, како и на другите услуги, значително пораснаа во последните неколку години, па така и оваа година ги анализиравме цените на велигденската храна и ги споредивме со цените од претходните години. Споредивме десет намирници со иста тежина. Цените варираат во зависност од производителот, но забележливо е дека растат од година во година, додека разликата меѓу збирот на цените на овие десет намирници се зголемува во последните години, пишува Индекс.хр.

Репортерот на овој портал констатира дека зеленчукот годинава е поевтин, а месото поскапо.

-Така, од 2022 до 2023 година, разликата изнесувала речиси две и пол евра, а меѓу годинава и лани била нешто повеќе од едно евро. Оваа разлика во цената можеби на почетокот не изгледа голема, но потребно е да се земе предвид дека празничните трпези во Хрватска генерално се многу побогати од порано, што значи дека разликата помеѓу поголемиот број намирници е всушност многу поголема. При испитувањето на цените годинава евидентно е дека зеленчукот е значително поевтин од лани, додека месото е нешто поскапо. Јајцата и годинава може да се најдат по нешто пониска цена во однос на лани кога десет парчиња класа М ја достигнаа, па и ја надминаа цената од две евра, нотира порталот.

Анализирани се 10 производи  со иста тежина, кои традиционално мора да ги има на велигденската трпеза. Констатирано е дека ниту еден од нив не бил на акција  во големите маркети во последните две недели. Ролуваната шунка, на пример во 2020 година чинела 5,57 евра за килограм, а сега 6,49. Во истиот период цената на француската салата од 3,84 евра за килограм се искачила на 5,29 евра, 10 јајца кои чинеле 1,06 евро сега се 1,29 евра, килограм сирење поскапел за 40 центи, младиот компир од 0,58 поевтинил на 0,49 евра, зелената салата која во 2020 година чинела 0,40 сега се продава за 0,49 центи, додека пак чоколадните јајца останале со речиси иста цена.

Хрватските синдикати и годинава направиле велигденска потрошувачка кошница, поточно три – побогата, средна и скромна. Содржината на празничните кошници, кои ги анализирале синдикалците, се разликува по видот на месото и рибата, количества на одредени производи, на пример видови на колачи, грицки, пијалаци… но и по квалитетот и потеклото.

Во богатата кошница има поскапи производи кои традиционално се користат за Велигден, како на пример бакалар, телешко, јагнешко и варена шунка. Во средната е поевтиниот ослиќ, поточно сардела и сушена лопатка. Во овие две кошници има супа од јунешко – поквалитетно и помалку квалитетно, додека пак во скромната кошница има пилешка супа. Скромната кошница не предвидува ни производи како што се слатки и разни пијалаци туку се базира исклучиво на производите потребни за празничните денови и многу скромни пијалаци.

-Таа подразбира и поголем напор при барањето на најевтините намирници, кои често се со помал квалитет, пишува Индекс.хр.

Авторката на текстот констатира дека сите три кошници се поскапи од лани. Така, побогатата кошница годинава изнесува 395,55 евра, додека лани била 327,20 евра. Средната кошница е со вредност од 237,47 евра, додека пак минатата година чинела 203,71 евро. Скромната кошница содржи продукти вредни 116,60 евра, а лани за нив требало да се одвојат 100,25 евра. Со тоа побогатата кошница оваа година е поскапа за 21, средната за 17,  а скромната за 16,1 процент.

При истражувањето синдикалците забележале дека и понатаму во Хрватска постојат големи разлики во цените на исти намирници, во зависност од локацијата, како на пазарите, така и во трговските ланци.