Родено во праисторијата некаде во шумите на Етиопија: Откриен геномот на кафето Арабика

421

Истражувачите од Универзитетот во Бафало во Њујорк го открија геномот на видот кафе Арабика и го проследија неговото потекло до природно вкрстување помеѓу два други видови кафе, што се случило, според проценките, пред 610.000 до 1 милион години во шумите во Етиопија.

Истражувачите ги секвенционирале геномите на 39 сорти на Арабика, вклучително и примерок од 18 век, за да создадат најквалитетен геном на овој вид, чие научно име е Coffea arabica.

Тие, исто така, открија специфичен регион на геномот, кој може да биде клучен за размножување или генетски инженеринг за да се зголеми отпорноста на болести, пренесува Ројтерс.

– Арабика е една од водечките светски суровини, која зазема голем дел од земјоделските економии на земјите каде што се одгледува. Кафето е богат извор на антиоксиданси, и секако, кофеинот – кој ми помага мене и на остатокот од светот да останеме будни – вели растителниот еволутивен биолог Виктор Алберт, еден од водечките автори на студијата објавена оваа недела во списанието Nature Genetics.

Истражувањето покажа дека популацијата на Арабика растела и опаѓала во текот на милениумите како што климата се загревала и ладела.

Прво ja одгледувале луѓе во Етиопија и Јемен, а потоа се раширилa низ целиот свет.

– Кафето и човештвото се тесно поврзани низ историјата. Во многу земји-производители, Арабика не е само кафе, тоа е дел од културата и традицијата – вели еден од авторите на студијата, Патрик Дескомб, виш експерт за геномика и предавач на Швајцарскиот федерален институт за технологија (EPFL).

Утврдено е дека Арабика има ниска генетска разновидност поради малата популација, а видовите подложни на штетници и болести можат да се одгледуваат во ограничен број локалитети каде што климатските услови се поволни и ризикот од болести е помал.

– Истражувањето го отвора патот за нови пристапи за одгледување кафе, што на крајот ќе доведе до развој на нови сорти со подобрена отпорност на болести, на климатски промени и со нови квалитети на вкусот – рече Дескомб.

Кафето е еден од најкористените пијалоци во светот и се проценува дека дневно се консумираат околу 2,25 милијарди шолји. Тоа е исто така една од најтргуваните производи, а Арабика го претставува најголемиот дел од светското производство на кафе.

Арабика настанала, велат истражувачите, како природна хибридизација помеѓу два родителски вида – Coffea canephora и Coffea eugenioides. Видот канефора се нарекува кафе Робуста и неговиот геном е секвенциониран во 2014 година.

Робуста најчесто се користи во инстант кафето, додека Арабика се смета дека има супериорен и префинет вкус. Видот Робуста е автохтон во шумите на екваторијална Африка.

– Робуста е позната и по тоа што е прилично отпорна на главните штетници и болести на кафето – оттука и неговото име Робуста, по робусноста – рече Дескомб.

Видот Coffea eugenioides расте на големи надморски височини во Кенија.