Работниците од азиските земји во БиХ се повеќе платени од домашната работна сила

87

Работниците од Турција и од другите азиски земји, кои работат во Босна и Херцеговина, се повеќе платени од домашната работна сила. Физички работник од БиХ во просек заработува околу шест марки за еден час, додека саатницата  за турските работници е двојно повисока.

Според пишувањето на „Глас Српске“, домашните фирми на странските работници им плаќаат и сместување и три оброци, што значи и повисоки трошоци за вработување на странците.

– Во принцип странските работници работат подолго во текот на работниот ден и имаат обезбедено сместување и три оброка кое го покрива работодавачот. На крајот, изгледа повисок износ за плата, но и поголем број на работни часови за странските работници – објаснува Миле Петровиќ, од Здружението за градежништво во Стопанската комора на Република Српска.

Тој додава дека странските, како и домашните работници, се платени според законите во БиХ. Економскиот аналитичар и инвеститор Зоран Павловиќ потврдува дека работниците кои доаѓаат од Турција добиваат дополнителен надомест и платено сместување и храна.

– Кога дневниците кои им се исплатуваат на странците им се даваат и на домашните работници, многумина од нив би сакале да останат во земјата – изјавил Павловиќ, кој смета дека обврските кон државата за анагажирање на нископрофилна работна сила се превисоки.

Според законските прописи во Република Српска, даночните оптоварувања за работник изнесуваат 64 отсто од платата, затоа е присутна појавата за  исплата и во плико за странските работници.