EPA-EFE/HAMAD I MOHAMMED

Поранешниот руски Формула 1 возач, Никита Мазепин, се избори за поништување на санкциите на Европската Унија кои му беа воведени по нападот на Русија над Украина.

Мазепин возеше за Хас во 2021 година, а своето место во тимот го доби преку спонзорски договор со руската хемиска компанија „Уралкали“, која е во сопственост на неговиот татко Дмитриј Мазепин.

По рускиот напад на Украина, нивниот имот беше замрзнат и им беше забрането да патуваат, бидејќи Дмитриј Мазепин важеше за близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин. Поради ова, тимот на Хас го отпушти 25-годишниот Никита.

Сепак, општиот суд на Европската Унија објави дека односот со неговиот татко не е доволен за возачот да остане под санкции, пренесе „Би-би-си“. Во соопштението исто така се додава дека Мазепин престанал да биде возач на Хас, што значи дека Европската Унија згрешила што го задржала возачот на списокот со санкции откако тој го напуштил тимот.

Тој суд навел дека критериумите за асоцијација што се користат во санкциите бараат постоење на врска која оди подалеку од обичен семеен однос.

Санкциите на рускиот возач од март 2022 година остануваат на сила во Велика Британија и Канада, а тој ги оспорува со надеж дека ќе се врати во Формула 1.