„М“ – најдобар интернационален филм на фестивалот „Ноќ на стравот“ 

54

Македонскиот филм „М“, на режисерот Вардан Тозија, ја освои наградата за најдобар интернационален филм на 16. издание на филмскиот фестивал „Ноќ на стравот“ (A Night Of Horror), којшто годинава се одржа во Висконсин, САД. Претходно, повеќе од една декада овој жанровски фестивал се одржувал во Мелбурн и Сиднеј, Австралија, по што неговото седиште се префрла во Америка.

Жирито го опиша „М“ како „чудесно остварување, трогателна драма за созревање сместена во дистописки кошмар“.

Филмот прикажува осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила. Вардан Тозија сценариото го пишува заедно со Даријан Пејовски, а продуцентската палка ја дели со Дарко Попов. Филмот, во продукција на „Фокус Покус Филмс“, е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Луксембург. Актерската екипа ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јасмина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, маскер е Горан Игњатовски, а музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот копродуцент „Les Contes Modernes“.

„М“ лани во декември, во САД, ја доби и наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.

Инаку, филмот на Тозија месецов ќе има и нови две премиери – во официјалните селекции на Интернационалниот филмски фестивал во Софија и на „Фантаспоа“, жанровски фестивал што ќе се одржи во Порто Алегре, Бразил.