„Двете страни ставија предлози на маса за решавање на проблемот со динарот“: Лајчак закажа нова средба за следната недела

152

Главните преговарачи на Косово и Србија изнесоа предлози за решавање на проблемот на жителите на Косово кои се засегнати од одлуката на Централната банка на Косово да го укине динарот, објави на „Х“ посредникот во дијалогот Мирослав Лајчак.

Лајчак напиша дека долгата дискусија помогнала да се разјаснат важните детали. Следната средба е закажана за следната недела „со амбиција да се најде решение“.

Дијалогот меѓу главните преговарачи на Белград и Приштина се одржа денеска во Брисел. Овој пат прво се одржа трилатерална средба, а потоа секоја делегација посебно разговараше со Мирослав Лајчак.

Европскиот дописник за N1 јавува дека шестчасовните разговори, од кои три и пол директни, не довеле до никаков напредок и дека позициите на Белград и Приштина се оддалечени исто како и минатата недела, кога им беше дадена задача до петок да подготват планови за решение на кризата, за повторно да се разговара за нив.

Петар Петковиќ вели дека предлогот на Србија да се овозможи работа на банката „Поштанска штедионица“ е избалансиран и дека нема политичка волја од Приштина навистина да се постигне компромис.

Незадоволна е и делегацијата од Приштина. Бесник Бислими кусо вели дека сѐ уште нема договор, но дека не сака да зборува за детали бидејќи тоа може да биде контрапродуктивно за дијалогот. Иако се знае дека нудат меѓубанкарска конверзија од динар во евро пред пуштање на косовскиот пазар.

Главниот преговарач на Приштина во дијалогот со Белград, Бесник Бислими, изјави дека е потребна уште една средба со српската страна и посредникот на ЕУ, за да се реши проблемот со динарот.

По средбата со шефот на српскиот преговарачки тим, Петер Петковиќ, тој изјави дека предлозите кои денеска се најдоа на маса „сѐ уште се многу далеку еден од друг“.