Кумановци се префрлија на други енергенси за затоплување откако цената на гасот отиде до плафон

60

Зголемена е цената на гасот за над 200 проценти, информираа денеска надлежните од ЈП „Куманово-Гас“. Поради зголемената цена на гасот, дел од покрупните потрошувачи, но и домаќинства од Куманово кои се затоплуваа на гас почнаа да се префрлуваат на електрична енергија или екстралесно масло за затоплување.

Новоназначениот директор на ЈП „Куманово-Гас“, Марко Митровски информираше дека на 31 декември, лани цената кон потрошувачите била 30 денари, сега изнесува 80 денари за кубен метар.

– За месец јануари, бидејќи имаше големо покачување, ни најавија од компанијата снабдувач „Пром Гас“ дека ќе има покачување, веќе ја знаеме цената е 75 денари по метар кубен. Доволни количини засега имаме, се снаоѓаме, уште на почетокот на декември склучен е договор со снабдувачот за месец јануари каде што беше побарано од наша страна некаде околу 140.000 метри кубни гас за јануари. Со оглед на настанатата криза во цела Европа така и кај нас, ние добивме за користење 93.000 кубни метри гас тоа е некаде околу 3.000 кубици по ден – изјави Митровски.

Тој информираше дека засега големите потрошувачи како Домот за стари лица „Зафир Сајто“, библиотеката „Тане Георгиевски“, две детски градинки, неколку индивидуални семејни куќи се откажале од гасот како начин на затоплување и се префрлиле на други енергенти. Неодамна и во болницата имаше пробно пуштање на гас. Митровски не очекува дека до крајот на грејната сезона, средината на март ќе има намалувања на цената на гасот.

Куманово субвенционира приклучок на гас, но не и за цената. Директорката на градинката, Марина Алексовска пак, вели дека две од градинките целосно ги префрлиле на гас, а две на екстралесно масло. Четири од осум објекти се затоплувале на гас.

– По добиените сознанија од ЈП „Куманово Гас“ ни беше кажано да го редуцираме. Како установа ние работиме со деца од јасли до шест години, така што не би можеле редуцирано да го користиме, туку за да можат децата да имаат нормално затоплување како и секогаш тие четири објекти кои комбинирано се затоплуваат, два објекти останаа исклучиво на гас, а двата ги префрлуваме на екстралесно гориво – изјави Алексовска.

Таа рече дека во ниту еден случај нема да се остават децата без затоплување, и дека уште од сега е објавен тендер за екстралесно масло за во арпил годинава.

Митровски се надева дека состојбата ќе се стабилизира и очекува приклучок на покрупни установи и институции, како што е болницата, полициската станица, две детски градинки, Центар за социјални работи, училиштата „Наце Буѓони“ и „Толи Зордумис“, објектот на „Браќа Миладиновци“, „Касапски круг“, индустриска зона во Доброшане. 

Тој очекува и проширување на мрежата во повеќе населени места во градот и најави дека претпријатието очекува и неколку машини за ископ што општината треба да ги набави преку кредит. Досега, ЈП работеше со подизведувачи, а доколку се добијат машините тогаш, најави Митровски, ќе се размислува за доекипирање на претпријатието. Тој кажа дека „Куманово Гас“ го затекнал во стабилна состојба со 26 правни лица како потрошувачи и 90 семејни објекти.

Митровски е новоназначен директор на ЈП „Куманово гас“, инаку предлог на ВМРО ДПМНЕ која коалицира со граѓанската иницијатива „За Наше Куманово“ на градоначалникот Максим Димитриевски на локално ниво.

Тој е дипломиран машински инженер на универзитет Свети Кирил и Методиј во Скопје и кариерата ја градел како инженер во две приватни компании и од 2015-та бил вработен во МЕПСО како инженер во служба за одржување на трансформаторски станици под висок напон.