За 75 јубилеј библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово во нов објект?!

133

Библиотеката „Кочо Рацин“ од Тетово која годинава одбележува 75 години од основањето се очекува да се всели во нов објект. Таа изминатите 18 години функционираше како „потстанар“ во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

“Вкупниот број книги во библотеката е 82.821, а вкупниот број наслови 31.796. Поради недостиг на простор, голем дел од постариот фонд на книги се внесени во стари инвентарни книги, но не се внесени во ЦОБИСС-системот. Тие се ставени во посебен магацински простор и не се достапни за зајмување. Не сме во можност да ви дадеме точен број на овие книги. Вкупниот број книги евидентирани во текот на 2019 е 2.492, а вкупниот број наслови 985. Бројот на активни читатели во библиотеката во текот на 2019 изнесувал 5.255“, велат за МИА од тетовската библиотека, кои посочуваат дека проблемот е недостиг на простор и немање читална.

До Центарот за култура веќе неколку години се гради голем објект во кој треба да бидат сместени националните установи Библиотека „Кочо Рацин“ и Тетовски театар.

Наназад низ историјата библиотеката во Тетово бележи чести преселби, Формирана е во 1945 година од страна на Поверенството за народна просвета, која има задача да го организира народното просветување.

Библиотеката била сместена во куќа, која тогаш била конфискувана од тетовскиот трговец Мато Симоски-Ченка. Во 1952 година библиотеката, наместо дел од Поверенството за просвета, станува самостојна културно-просветна установа. Потоа започнуваат неколкуте преселби на библиотеката – прво во куќата на семејството Ефчески, потоа во приземните простории во објектот познат како „Ловец“ во центарот на градот каде што всушност порано бил стариот Дом за култура. По една година детскиот оддел се враќа во куќата на Ефчевски, додека одделот за возрасни во куќата на семејството Рудичевци на улица Страшо Пинџур. Во 1967 година повторно библиотеката се враќа во куќата на Мато Симовски-Ченка каде што ќе опстојува сè до 2002 година, кога имотот со денационализација им се враќа на наследниците.

Во 1976 година тогашните државни органи издвоиле средства за набавка на комбе каде што се монтирале полици, со намера да ги носи книгите до читателите.

Со цел да се приближат книгите и литературата до читателите во седумдесеттите години биле отворени и пет рурални центри за да бидат отворени библиотечни клонови во Селце, Вратница, Стримница, Џепчиште и Пирок.