Македонската одбојкарска репрезентација утре ги стартува натпреварите на Европското првенство, кое првпат се игра во четири земји, а во пресрет, пак, владее оптимизам со кој „Спартанците“ се надеваат на позитивен епилог во својот дебитантски настап.

Ждрепката посака „црвено-жолтите“ да бидат во група со Словенија, селекција која е една од домаќините, потоа европскиот шампион Русија, како и Турција, Финска и Белорусија, репрезентации преку кои ќе се бара пласманот во следната фаза. Инаку, првите четири репрезентации ќе се пласираат во осминафиналето.

Атмосферата во националниот тим е одлична, сите се надеваат дека проблемите ќе останат зад нив и ќе можат комплетно да се фокусираат на најголемиот предизвик во нивните кариери. Тоа го потврди и еден од најзаслужните за овој историски пласман на нашата селекција, либерото Дарко Ангеловски, кој „царува“ во полето при прием на сервис. Тој во интервју за весникот „Вечер“ откри како минале последните подготовки, какви се очекувањата од големиот континентален собир, како и тоа колку влијае гласот на предводникот на националниот состав, капитенот Никола Ѓорѓиев, кој сигурно ќе им направи сериозни проблеми со својот топовски удар на противниците.

Како минаа последните подготовки пред почетокот на ЕП?

Подготовките минаа во најдобар ред. Работевме интензивно, пред сè на тактичкиот дел. Се подготвивме и психички и физички и сметам дека ќе биде одлично ако не дојде до некоја неочекувана повреда.

На што најмногу се работеше според системот кој го спроведува селекторот Никола Матијашевиќ?

Со нашиот селектор работиме навистина квалитетно. Особено работевме на кревање на втори топки, на блок од средината, исто така и на сервисот… Можам да кажам дека ги опфативме сите елементи, претежно тактичките комбинации во играта. Исто така ги анализираме репрезентациите во групата, која е нивна слаба, а која силна страна. Мислам дека секоја репрезентација има своја слабост, поради што ние за секоја од нив се подготвуваме посебно, и искрено мислам дека ќе ги нападнеме од каде што најмалку очекуваат.

Каква е атмосферата во соблекувалната?

Морам да ти признам дека кога ќе влеземе во соблекувална, македонската музика ечи. Одат патриотски песни. Сите имаме свои идеи и замисли, можам да кажам дека атмосферата е на посакуваното ниво. Постојано може да се слушне некој виц, се пее, се игра, по малку и егото си го креваме, едноставно тоа е нашата мотивација за победа. Но, сметам дека вицовите посебно ни даваат атмосфера во соблекувалната, онаква каква што секоја селекција би посакала. Јас сум „кловнот“ на секоја шега, знам дека секој одбојкар го дава максимумот дури и на тренинг, а не па на натпревар.

Какви се твоите очекувања од претстојното ЕП и како до следна фаза?

Ако успееме да славиме на првиот меч, нашите апетити сигурно ќе пораснат, па тогаш ќе биде: „Зошто да не победиме и на вториот, третиот… петтиот меч?“. Ако победиме на првиот натпревар, ние сме инает репрезентација, па затоа сметам дека лесно можеме да славиме на сите останати мечеви. Очекувам да се квалификуваме во таа следна фаза, а сигурно првиот меч што ќе го одиграме, против Финска, кој е прв за нас од ваков ранг, сакам да биде „прво – па машко“. На сите им го велам тоа, само победа ни е важна од тој меч. Јас знам дека ќе дадеме максимум за да дојдеме до зацртаната цел. Исто така најавено е дека ќе имаме своја публика која ќе пристигне од Македонија, која знам дека ќе ни даде ветер во грб. Откако сме во Словенија постојано пристигнуваат автобуси со навивачи на противничките селекции, ги очекуваме и нашите наскоро да пристигнат. Сакам едно да се знае, ние не сме дојдени во Словенија на туризам – ние дојдовме за нова историја, која со дебели букви ќе се испише во македонската одбојка.

Која изјава дополнително ќе те мотивира за големиот континентален собир?

Добивам постојано комплименти на моја сметка, но најважно за мене е после секој натпревар да заминам среќен кон соблекувалната. Една на која ќе се сеќавам е: „Оди, остави го срцето на терен за Македонија, само така можеш да бидеш најдобар“, или „Излези, дај сè од себе, за да добиеш што и да посакаш“.

Дали влијае гласот на капитенот Никола Ѓорѓиев со оглед на големото искуство?

Никола е вистински лидер во тимот. Ние по секоја цена го слушаме, без разлика дали греши или не. Сепак, тој има најголемо искуство и знае секогаш да го сподели со нас. Искуството кое го има во себе го применува и споделува и во оваа селекција. Едно ќе кажам, капитенот – капитенски се однесува.

Утре на програмата: Турција – Русија (14:30), Македонија – Финска (17:30), Словенија – Белорусија (20:30).

Распоред:

12.9 Финска – Македонија (17:30)

13.9 Македонија – Турција (17:30)

14.9 Македонија – Русија (17:30)

16.9 Белорусија – Македонија (20:30)

17.9 Словенија – Македонија (17:30)

Обложувалниците не им веруваат на „Спартанците“

Според светските обложувалници селекцијата на Македонија котира убедливо најслабо на оваа листа, па ако уплатите едно евро за освојување на трофејот од страна на „црвено-жолтите“, ќе добиете 2.000 евра. Што се однесува до фаворитите, прва е Русија, која воедно ќе се натпреварува во нашата група, со коефициент од 3,6. На второто место се наоѓа Франција со коефициент од 4,2, а трета е Полска со 4,5.

Нашите одбојкари и на утрешниот меч не се фаворити, па коефициентот за „Спатранците“ изнесува 3,7, додека за противникот 1,25.