Американскиот кошаркар Џереми Лин, кој има потекло од Кина и од Тајван, заплака на дружењето со медиумите, откако говореше за минатата сезона во НБА лигата во која го освои прстенот со тимот на Торонто.

Но, главниот проблем за него е тоа што откако стана слободен агент, сè помалку и помалку клубови покажуваат интерес за негов ангажман.

  • Постои изрека – кога еднаш ќе го достигнеш дното, единствен начин е да одиш нагоре. Меѓутоа, ми се чини дека дното станува се поголемо и поголемо за мене. Претходниот период беше тежок за мене. Чувствувам како НБА лигата се откажува од мене, изјави Лин.

Џереми НБА кариерата ја започна во 2010 година кога беше избран на драфтот од страна на Голден стејт. Во текот на кариерата играше за бројни клубови, а најголема трага остави во 2012 година кога го доби прекарот „Линсенити“ поради кусиот период на феноменалната игра во дресот на Њујорк. Минатата сезона ја започна во Атланта, но на средината од неа замина во Торонто како резервен плејмејкер на Кајл Лаури. Тој потег не му се исплатеше, бидејќи сите негови минути му припаднаа на резервистот Фред ван Влит.

Како што пренесуваат повеќето медиуми, Лин очигледно кариерата ќе ја продолжи во ЦСКА од Москва, каде сигурно ќе биде стартер.