Се зголемува интересот за проектот „МОЈ ДДВ“. По информативниот штанд кој во петокот беше поставен кај „Веро 2“ во Тафталиџе, „Мој ДДВ“ денеска е во трговскиот центар Веро Џамбо во Скопје. Промотивниот штанд е стациониран пред супермаркетот Веро.

По повод мерката враќање на 15 % од пресметаниот ДДВ, изјава ќе даде градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Инаку на штандот во Тафталиџе со апарати за поврат на ДДВ граѓаните можеа да скенираат фискални сметки, а екипите на терен им помагаа на оние кои незнаат или немаа можност да ја користат апликацијата „Мој ДДВ“ за поврат на 15% од платениот ДДВ.

Во акцијата се приклучи градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ кој ги повика граѓаните што повеќе да ја користат апликацијата.

– Со неа имаме двојни придобивки. Едната е дека на крајот од годината може да добиеме поврат на средства, а втората придобивка е што сите заедно придонесуваме кон разбивање на сивата економија која што врши штета на сите. И на нас, како градоначалници, што помалку се плаќа даноко,т толку помалку имаме средства за инвестирање во проекти. Токму затоа и ние градоначалниците треба да се приклучиме кон акцијата – изјави Богдановиќ.

Условите за поврат на 15% од данокот на додадена вредност се следни: корисникот да е постар од 15 години, да поседува документ за лична идентификација, да поседува трансакциска сметка и да е најавен на системот на УЈП „Е-Персонален данок“ . За користење на апликацијата неопходен е паметен телефон.

Управата за јавни приходи за поддршка во процесот во своите 36 подрачни единици низ земјава ќе отвори информативни штандови: киоск апарати, бар код читачи и паметни телефони преку кои ќе може на лице место да се регистрира фискалната сметка.