Со цел подобрување на здравствената состојба на возрасните лица кои живеат на територија на општината и нивно оспособување за полесно самостојно функционирање, трета година во континуитет, општина Центар го реализира проектот „Центар се грижи за возрасните“. Проектот е финансиран од буџетот на Општина Центар, а за потребите на истиот, општината ангажира социјално претпријатие кое обезбедува сертифицирана негувателка и физиотерапевт.

Екипа на весникот “Вечер“ направи репортажа за тоа како функционира проектот и колку се задоволни оние на кои негата им е најпотребна.

– Доволно ми е што се само тука, а кога ќе ги видам и насмеани, веднаш ми поминува сè. Кај нив нема нервоза и никогаш не сум ги видела да влезат нерасположени – вели старицата Јелица Томовска која е опфатена со проектот „Центар се грижи за возрасните“, што општина Центар го реализира во соработка со невладината организација „Хуманост“.

Нејзина негувателка, поточно асистентка за нега е Снежана Марковиќ, која е задолжена по два часа, три пати во неделата (вторник, четврток и сабота), да ѝ помага на Јелица. Со неа доаѓа и Дамјан Николовски, социјален работник од „Хуманост“ и програмски координатор.

– Кога дојдов кај неа, таа беше во кревет, воопшто не излегуваше. Но, сега заедно одиме на прошетка, да пазаруваме. Исто така, заедно одиме на лекар, земаме рецепти, се бањаме. Таа многу сака да истражува на интернет. Се учиме заедно да ракуваме, а и самата беше иницијатор да научи да си вади пари од банкомат –  вели Снежана.

Таа додава дека Јелица сака многу и да разговара, па заедно и читаат и дебатираат на разни теми. Освен тоа, Снежана и подготвува јадење на Јелица. Вели дека сака лесна храна, посебно салати.

Освен на Јелица, Снежана им помага на уште седум стари лица, што значи на вкупно осум.

– Јас сакам многу да читам, не сум многу за да работам во кујната, па затоа ми помага Снежана. Од почеток бев скептик дали ќе може на ваков начин да ми биде подобро, но сега сум презадоволна од нивниот пристап, однос. Таа или Дамјан, кога ќе се пожалам никогаш не ми кажале, па тоа ти е зошто си стара. Не сум стара, туку јас сум во поодмината возраст – вели Јелица.

Таа има невролошки, психички проблем и депресија.

– Пред да дојдат Снежана и Дамјан состојбата ми беше многу лоша. Имав халуцинации, но сега сум подобра, благодарение на ваквата грижа. Сè уште го имам проблемот, но е помалку изразен – раскажува Јелица.

Таа претходно била доктор во Здравствениот дом Скопје и им помагала на сите во зградата во која живее во населбата Капиштец, на улицата „Народен фронт“, зграда број 15 и не може да се помири со тоа дека сега и на неа некој ѝ помага, но сепак тоа добро ѝ доаѓа.

– Мојата ќерка доаѓа, но тоа е на минување, бидејќи има обврски, но помошта од Снежана е нешто сосема друго. Доволно е да ја видам и веќе сум подобро. Дури побарав да биде со мене и повеќе часови – видно возбудена вели Јелица.

Дамјан Николовски, програмски асистент и социјален работник од невладината „Хуманост“ нагласи дека на ваков начин им овозможуваат на возрасните лица на територијата на општината Центар да си ги задоволат своите потреби.

– Тимот на „Хуманост“ е спроведувач или имплементатор на проектот. Тој се состои од 11 асистенти за нега (негуватели), двајца физиотерапевти и еден социјален работник, како и двајца координатори кои ја даваат потребната помош и поддршка на старите лица и им овозможуваат нивно повторно вклучување и функционирање во заедницата. Ние пробуваме да се прилагодиме на нив, да ги искористиме нивните потенцијали и да бидеме нивна потпора во секојдневните активности – дециден е Николовски.

Со овој проект се опфатени 88 стари лица.

– Од секојдневно искуство можам да кажам дека потребата од грижа за старите лица се зголемува, иако максималниот број на стари лица што можеме да ги опфатиме се 90. Сепак, заедничките планови со општина Центар се овој проект да се развива што значи и ширење на услугите, односно зголемување на нивниот опсег, вработување на медицинска сестра и психолог. Целта ни е да се подобрат услугите и да се направи поширок опфат на старите лица – заклучи Николовски.

(А.П.) – Фото: П.Стојановски