EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Победата на Далас над Њу Орлеанс (111:106) во НБА-лигата ќе остане во сенка поради повредата на Лука Дончиќ. Во текот на третиот период, кога водеше неговиот тим со 84:56, Словенецот лошо приземји при положување и ја повреди петицата, па не е познато колку ќе отсуствува. До тој момент, тој запиша 31 поен, а придонесе и со осум скока и четири асистенции.

До крајот на мечот, Њу Орлеанс успеа само да го ублажи поразот, со тоа што од 28 негатива дојде до само пет поени разлика.

Далас е четврти на Западот со скор 28:25, а Њу Орлеанс е на десеттото место со 26 победи и 27 порази.

Своја вечер имаа и кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс и Ентони Дејвис. Кралот ја продолжи потерата по рекордот на Карим Абдул-Џабар по бројот на постигнати поени во НБА.

Лејкерс ја победи Индијана на гости со 112:111, а клучниот поен го постигна Ентони Дејвис на 35,3 секунди до крајот. На почетокот од последната четвртина, Индијана водеше со плус 14 (98:84), но „езерџиите“ направија целосен пресврт и го остварија вториот врзан триумф.

https://www.youtube.com/watch?v=18wf3ilQ8-I

Дабл-дабл кај гостите оствари Дејвис со 31 поен и 14 скока, а Леброн Џејмс запиша 26 поени и по седум скока и асистенции. На Џејмс сега му недостигаат 63 поени за да го израмни рекордот на Карим Абдул-Џабар во НБА-лигата (38.387 поени).

Резултати: Индијана – ЛА лејкерс 111:112, Кливленд – Мемфис 128:113, Њујорк – Мајами 106:104, Чикаго – Шарлот 114:106, Далас – Њу Орлеанс 111:106, Денвер – Голден стејт 134:117, Милвоки – ЛА клиперс 106:105.