Македонската кошаркарска репрезентација, потешко од очекувањата, дојде до втората победа во групата Д, во августовскиот ФИБА-прозорец, откако со пресврт против Словачка славеше со 79:75 за пласман на Евробаскетот во 2025 година.

Словачка се покажа како тврд орев во СРЦ „Кале“, но на крајот падна. Нашите сениори го покажаа квалитетот кога беше најпотребно, во финалните десет минути го скршија отпорот на Словаците, доволно за втора победа на исто толку натпревари.

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Јакимовски е задоволен од остварената првична цел, две победи на двата натпревара во августовскиот прозорец од претквалификациите за Евробаскетот 2025.

  • Мислам дека на почетокот немавме доволно добра комуникација, особено во одбраната. По советите од стручниот тим, на полувремето, ја сменивме и одбраната. Играв на позицијата 4, тоа беше доста добро во одредени моменти од натпреварот. Освен тоа, дополнителни проблеми ни зададе нивниот висок процент на реализација, особено во шутот од далечина. И играчи кои не важат како шутери, успеваа да погодат. Во одреден период од мечот, мислам дека имаа дури и 60% реализација. На крајот, некако успеавме да ја изнесеме победата и да ја оствариме првичната цел: во август да имаме две победи. Во финишот, кога требаше, погодувавме и јас, и Нено и Војдан, дојдовме до она што го баравме во поголемиот дел од средбата. Поведовме, а кога веќе стигнавме до драгоцената предност, не ја испуштивме. Дојдовме до уште една многу битна победа, која ни дава можности да завршиме како први и да одиме понатаму во евроквалификациите – изјави Јакимовски.

Следен противник на нашата селекција ќе ѝ биде Норвешка, со која ќе се сретнеме на 10 ноември и која ќе ни биде главен конкурент за првото место во групата.