Чудо во Брисел, брзи избори или концентрациона влада?

Граѓаните очекуваат одговор, затоа што европската перспектива беше главното ветување на актуелната влада. Со цврст став дека парламентарни избори не може да има пред октомври 2020, и премиерот Зоран Заев не го крие разочарувањето - Владата ќе биде мртва ако не добиеме датум

264

Ако до петок не се случи чудо, Македонија влегува во нов ќорсокак. Граѓаните очекуваат одговор, затоа што европската перспектива беше главното ветување на актуелната влада. Експертите едногласно – притисокот за предвремени избори ќе биде уште поголем. Со цврст став дека парламентарни избори не може да има пред октомври 2020, и премиерот Зоран Заев не го крие разочарувањето – Владата ќе биде мртва ако не добиеме датум.

Аналитичарот Марко Трошановски во изјава за весникот Вечер вели дека не очекува брзи избори, само привремено ќе се направи обид за да се изменаџира штетата од недобивањето на датум.

-Мислам дека оваа влада ќе има уште повеќе причини да го истера мандатот до крај, за да може да направи менаџирање на штетата со недобивањето на датумот со подобри економски и социјални перформанси. Секако дека поддршката кај јавноста ќе опадне, ќе се намали довербата и во Европската Унија, но и во таков случај Македонија нема друга опција и алтернатива на својата надворешна политика,  освен она што го нуди во моментов Европската Унија, потенцира Трошановски.

Европската перспектива беше едно од главните ветувања на оваа влада, и доколку до утре нешто не се смени очекувано е поддршката да се намали. Сврзното ткиво на оваа Влада се состои од заедничката европска определба на двете партии во коалиција, вели Трошановски.

Брзи предвремени ќе донесат нови ризици, излез може да се побара во концентрациона влада во која ќе учествуваат сите партии, вели политикологот Петар Арсовски.

-Ако досегашната политичка структура и понатаму цврсто остане на евроинтеграцискиот пат, во секој случај ќе стане неопходно  да се провери курсот без оглед  дали тоа значи да се распишат предвремени избори, да се формира концетрациона влада или да се употреби некој трет механизам. Притисокот секако ќе биде преголем. Како и да е граѓаните ќе мора да се прашаат. Не сум сигурен дали брзи избори се решение, затоа што така можеме да го  загрозиме и зачленувањето во НАТО, вели Арсовски во изјава за весникот „Вечер“.

Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Сашо Клековски, смета дека доколку одлуката на Франција остане иста до петок,  да нема почеток на преговорите на Република Македонија со ЕУ, треба да веднаш да се распишат предвремени парламентарни избори за Македонија да не влези во ситуација на ќорсокак.

Сметам дека треба да имаме предвремени парламентарни избори. Ако има НЕ во овој случај, мислам дека треба да одиме на избори за да избегнеме лизгање надолу вели Клековски во емисијата „Отворено“.

Ако лидерите на ЕУ донесат негативна одлука за почеток на преговори, или ако повторно одлучат да ја одложат одлуката, нашата Влада ќе биде мртва, не затоа што ќе бидеме пречувствителни, одлуката не зависи од нас, но мнозинството од парламентот ќе го изгубиме, рече премиерот, Зоран Заев.

– Им ветивме на пратениците, им рековме да гласаат за промена на името, за промена на Уставот, за прифаќање на договорите со Бугарија и Грција, затоа што ЕУ ни вети дека ќе испорача датум за преговори, а не за веднаш да станеме членка. Во оваа насока верувам дека ќе водат сметка да не им дадат простор на трети страни, и да не дозволат да се врати радикалниот национализам во земјата – предупреди Заев, кој додаде дека очекува нова информација од средбата меѓу Меркел и Макрон.

Коментирајќи го министерскиот состанок во Луксембург, Заев изрази жалење што министрите на ЕУ „немале доволно храброст да донесат одлука и да ја одржат мотивацијата кај Македонија и Албанија“.

–  Ако го казнат најдобриот пример, како ќе го мотивираат Вучиќ, како ќе го мотивираат Тачи во Косово или како ќе ја мотивираат БиХ. Во нашиот регион има и голем интерес од Турција, Русија и Кина, за да навлезат во Европа и да бидат помоќни. Но тие не ни нудат владеење на право и демократија, го видовме тоа и сакаме демократија – посочи Заев.

Тој додаде дека не губи надеж и дека сè уште е можно да се усвои нова методологија за преговарање, но исто така и да се донесе одлука за стартување преговори.