Хотелот „Вила Зора“ никој не сака да го купи, општина Велес ќе го дава под закуп

72

Пропадна и вториот обид да се продаде хотелот „Вила Зора“ во Велес, поради што општината во чија сопственост е овој објект, во иднина ќе го дава под закуп. Иако станува збор за објект кој се наоѓа на атрактивна локација на самиот влез во Велес, покрај Реката Вардар, никој не се јави ниту на првиот, а ни на вториот јавен повик иако почетната цена беше намалена за 10 проценти.

На продажба беа ставени 2.700 квадратни метри, а во еден дел од објектот е сместен Техничко-технолошкиот факултет од Битола.

Поранешниот хотел е соодветен и за станбен и деловен простор, за регионален дом за стари лица, едукативни, информатички или сервисни услуги и воопшто за секоја намена базирана на идеи кои водат кон иднината.

– Општина Велес не е во состојба да се грижи за него ниту да го стави во функција. Во релативно добра состојба е само делот отстапен на Технолошко-техничкиот факултет, но останатите простории се во несоодветна состојба. Честопати во изминатиот период објектот беше мета на крадци кои изнесоа голем дел од инвентарот на собите кои се доста оштетени поради прокиснувањето на покривот – информираше градоначалникот Коцевски.

Тој се надеваше дека ќе се најде купувач кој ќе има креативна и иновативна идеја за објектот, кој ќе го претвори во вистински бизнис или едукативен центар или можеби регионален дом за стари лица од кој бенефит ќе имаат и сопственикот и жителите на Велес.

(С.Бл.)