Хаос во Романија, поплави на 36 места – спасителите во обид да евакуираат десетици туристи/ВИДЕО

159

Поројните дождови во изминатите 24 часа предизвикаа поплави на 36 локации во 15 романски области. Според последните информации, две лица загинале.

Службата за вонредни ситуации (ИГСУ) денеска соопшти дека противпожарски и спасувачки служби се обидуваат да евакуираат десетици туристи кои се блокирани од надојдената вода.

Погодените области од невремето се Алба, Аргеш, Ботосани, Брашов, Клуж, Караш-Северин-Ковасна, Дамбовита, Хунедоара, Неамт, Олт, Прахова, Сибиу, Тулчеа и Темис, објави Аџерпрес.

– Ја испумпавме водата од 19 куќи, 56 дворови и 70 подруми. Нашите колеги отстранија и 13 дрвја кои паднаа на патиштата и оштетија три автомобили, наведува ИГСУ.

Според истиот извор, 20 лица сместени во хостели во Аргеш се изолирани поради поплавите.

– Во кампот Заноага во областа Дамбовита, поради поплавите во текот на ноќта, 25 лица беа блокирани во автомобили или приколки. Водата се повлече и на луѓето им беше дозволено да ги напуштат локациите. Пожарникарите интервенираа и во Бустени, каде се евакуирани осум лица, соопшти ИГСУ.