Се сеќавате ли на Барселона?! Или на прекрасниот поглед од големиот мост што ги поврзува европскиот и азискиот дел на Истанбул!? Јас да, иако никогаш не сум била. А ја познавам Барселона, тесните улички, прекрасните бравури на Гауди, невообичаените прозорчиња и  шармантните нерамнини, дури го знам и вкусот на турското кафе испиено на Босфор, а никогаш не сум била. А сакам, толку многу сакам! Морам повторно да го гледам филмот “Вики Кристина, Барселона”, а и вечер иако само на момент ќе фрлам поглед на некоја од турските серии, (овој пат без дискусија уметничките вредности) за да ѝ се радувам на сликата, мирно сино море, по некој брод, зеленило и мирис на ориент,… и конечно да купам билет за Истанбул.

Филмот освен што е уметнички производ, тој одамна е и одличен туристички промотор на одредени градови или локации. Седмата уметност – филмската своите вредности ги потврдува според гледаноста на филмовите, секако и според наградите освоени на реномираните меѓународни фестивали, но многу често тие имаат и една друга димензија – придонесуваат за развој на туризмот, особено љубовните филмови и сцените на препознатливи локации.

Македонскиот филм “Исправи се, Делфина” (1977 г.) на режисерот Александар Ѓурчинов во која главните улоги ги играат Неда Арнериќ, Дарко Дамески и Диме Илиев, инспириран од вистински настан – препливувањето на каналот Ламанш од нашата пливачка Атина Бојаџи, е можеби најкултниот македонски филм и еден од првите со урбана содржина и кој на одреден начин го промовира Скопје и Охрид во седумдесеттите (Градскиот трговски центар, Градски ѕид, мостот Гоце Делчев, хотелите “Континентал” и охридскиот “Метропол” и Охридското Езеро. Филмот освои многу меѓународни награди и беше прикажуван низ Европа.

Филмската индустрија ја знае својата моќ, па затоа “Празник во Рим” ќе ни покаже што може да ни понуди Вечниот град. Препуштени на шармот на Грегори Пек тој ве води по калдрмата заедно со Одри Хепберн.

Ако сте тип кој претпочита акциони филмови, тогаш Анџелина Џоли и Џони Деп ќе ве одведат во авантура низ тесните канали на Венеција. Филмот “Турист” ја покажува Венеција како што никогаш порано не сте ја доживеале. Ќе ве однесе низ местата во овој приморски град што никогаш не би помислиле да ги посетите – до сега.

 

Во “Вики Кристина, Барселона” две работи се маестрални – глумата на Пенелопе Круз и Барселона.

 

 

Пенелопе дури доби и Оскар за најдобра споредна женска улога за оваа улога. Што се однесува до Барселона, Вуди Ален навистина се потруди да ѝ додели една од главните улоги на Барселона. Она што е навистина интересно е дека градот Барселона ги плати сите трошоци за снимање, кои достигнаа дури 2 милиони евра. Ве води низ нереалниот свет на Гауди Парк Гуел, раздвижените улици во Ла Рамбл и модерната Плаза Каталуња, овој филм ќе ви го даде парчето Шпанија по кое копнеете.

Приказната на Вуди Ален нè носи во Париз. И не само Париз како што го паметиме, туку и оној од периодот кога најмногу процвета. Кога Овен Вилсон ќе се најде во Париз меѓу двете светски војни, ќе можеме да видиме како тој изгледаше кога Хемингвеј, Пикасо, Скот и Зелда Фицџералд, Салвадор Дали и Луис Буњуел дојдоа да го посетат, сето тоа во “Полноќ во Париз”.

Калдрмата на улиците на Амстердам и водните канали одиграа една од главните улоги во филмот “Ѕвездите се виновни”. Ако сè уште не сте имале шанса да го видите во живо, гледајќи го филмот, можете да откриете каде живеела Ана Франк и многу други знаменитости.