Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја потврди одлуката за одигрувањето на завршниот турнир на крајот од декември годинава во Келн. Така во декември, иако во полн ек ќе биде новата сезона, ќе мора да се доиграат полуфиналето и финалето од минатата.

ПСЖ, Кил, Веспрем и Барселона како најдобропласирани екипи по групната фаза ќе се судрат во мечевите за трофејот на турнирот кој ќе се одржи на крајот од годината, поточно на 28 и 29 декември во „Ланксес Арена“ во Келн.

Одлуката беше прифатена со негодување од клубовите кои „извисија“ за шанса и борба преку нокаут натпревари да стигнат до завршниот турнир. Меѓу нив беше и Вардар кој ќе остане европски првак до крајот на 2020 година.