Тренчевска и делегација на Светската банка во посета на градинката во Волково

47

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска заедно со делегација на Светската банка, предводена од потпретседателката за Европа и Централна Азија, Ана Бјерде и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ја посетија градинката во Волково, изградена преку Проектот за подобрување на социјални услуги финансиран од Светската банка.

Во состав на делегацијата на Светската банка беа и регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, директорката за стратегија и операции Шиаочинг Ју и директорот на Канцеларијата на Банката во Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи.

На посетата, како што информираат од МТСП, биле презентирани конкретни резултати постигнати во рамки на проектот поддржани од експертизата на нивниот тим.

– Една од целите на проектот е зголемување на опфатот на децата во предучилишните установи и унапредување на квалитетот на услугите во истите. За период од околу три години изградени се или се во фаза на изградба 16 градинки со кои се отвораат околу 2.000 нови места за згрижување на деца. Детските установи се градат по светски трендови, каде што децата се во центарот на вниманието и просторните услови се прилагодени и опремени за да овозможат нивна мобилност, развој и учење преку игра. Истите се енергетски ефикасни, и насочени кон заштита на животната средина, изјави Тренчевска.

Тренчевска, се вели во соопштението, посочи дека се имплементираат и инструменти за мерење на развојот на децата како и на усогласување  на студиските програми за иницијално образование на воспитувачите, со што ќе  се потврди дека сите активности водат кон вистински позитивни промени.

– Паралелно вложуваме и во зајакнување на капацитетите на вработените во градинките. За таа цел спроведовме и обуки за кадрите од градинките на тема „Конструктивизам, учење базирано на игра и учење базирано на решавање проблеми“ каде беа опфатени 1366 воспитувачи. Во следниот период ќе се спроведе обука на 1500 лица вработени во градинките на тема „Околина за учење и инклузија“, како дел од планираните пет модули за обука на кадарот со кој ќе се овозможи унапредување на вештините за работа со деца, истакна Тренчевска.

Покрај влогот во предучилишното воспитание, таа рече дека МТСП работи и на значајна реформа која води кон воспоставување и развој на нови социјални услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица.

– Најголем дел од овие проекти се наменети за помош и нега на стари лица, а останатите се за развој на услугите дневен престој за стари лица со активно стареење, дневен престој за деца со попреченост и рехабилитација, дневен престој за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост и советување.  Досега услугите ги добиваат 522 корисници и ангажирани се вкупно  216 претходно невработени стручни лица, рече Тренчевска.