СРЃАН СЕ ВРАЗУМИЛ, ЌЕ КАЖЕ СЕ ЗА ДАНКА? Осомничениот бара смена на адвокатот

2086

Срѓан Јанковиќ (50), кој е осомничен дека управувал со службениот автомобил на ЈКП „Водовод“ што на 26 март ја удри Данка Илиќ (2) во Бањско поле, а кој, како и другиот осомничен Дејан Драгијевиќ (50) е во триесетдневен притвор, до сега во Вишото јавно обвинителство Заечар се бранеше молчејќи.

Сепак, како што дознава Курир.рс, сега дошло до промена во неговото размислување и затоа надлежните од него очекуваат да им каже сѐ во врска со убиството на Данка.

– Денеска Срѓан Јанковиќ му го откажа полномошното на својот адвокат бидејќи не сака повеќе да го брани. Очигледно е дека е незадоволен од неговите совети и начинот на кој го советува да се брани пред надлежните. Јанковиќ побарал да му биде доделен адвокат по службена должност. Тоа нѐ изненади бидејќи ретко се случува среде рочиште осомничениот да побара смена на адвокат – дознава српскиот портал од обвинителството.

Засега не се знае кој адвокат ќе му биде доделен на Јанковиќ, но ќе се одлучува до утре.

– Понатамошната постапка е таква што следува разговор помеѓу новиот адвокат и осомничениот Јанковиќ. Со оглед на текот на рочиштето, апсолутно секој адвокат ќе го советува да престане да се брани со молчење бидејќи подобро е самиот Јанковиќ да каже сѐ што знае. Имајќи предвид дека Драгијевиќ признал дека лично го задавил девојчето со голи раце, ова автоматски го расчисти сомнежот дека Јанковиќ е директниот убиец. Ако Срѓан Јанковиќ беше задоволен со одбраната со молк, сигурно немаше да го отпушти својот адвокат. Убедени сме дека е прашање на моментот кога Јанковиќ доброволно ќе ја изнесе својата одбрана во обвинителството. Се надеваме дека има можност да се дознае каде е телото на малата Данка – дознава неофицијално Курир.рс, од надлежните.

Доколку се оствари предвидувањето на обвинителството, се очекуваат нови моменти во истрагата откако Јанковиќ ќе ја каже својата верзија за настаните од тој кобен ден.

Да потсетиме, денеска во Вишото јавно обвинителство во Заечар, како сведоци беа сослушани Ивана и Милош Илиќ, родителите на убиеното девојче. Тие дадоа исказ во присуство на двајцата обвинети. Сведочењето на родителите беше шокантно, таткото и мајката плачеа.

Данка Илиќ (2) исчезна на 26 март во Бањско поле, каде со мајка и и постариот брат дошла од Бор. Цела Србија ја бараше двегодишната Данка до 4 април, кога полицијата ги уапси Срѓан Јанковиќ од село Лука и Дејан Драгијевиќ од село Злот. Тие се товарат за тешко убиство во соизвршителство.