Во пресрет на новата сезоната во Формула 1, двајца дебитанти го привлекоа вниманието, обајцата од тимот на Хас. Едниот е Мик Шумахер, чиј што чекор се следи заради неговиот славен татко, седумкратниот шампион Михаел, а другиот е Никита Мазепин, чиј татко е милијардер, иако младиот пилот ги полни насловните страници со забави и несоодветно однесување.

Сепак, ниту еден од нив не освои бодови на трката за Големата награда на Бахреин, но затоа сосема друг дебитант во најбрзиот октански циркус го воодушеви светот. Тоа е 20-годишниот Јуки Цунода кој заврши деветти со својата Алфа Таури, што значи дека во својата дебитантска трка освои два бода.

Младиот Јапонец беше трет во Формула 2 минатата сезона, во која ја возеше својата прва сезона, а заостануваше 15 бода од победникот Мик Шумахер.

  • Без техничките проблеми што ги имаше, тој лесно ќе ја освоеше титулата, беше јасен Хелмут Марко, спортскиот советник на Ред Бул и еден од оние што не го крие воодушевувањето од Цунода, чиј тим на Алфа Таури е како оној на Ред Бул, со мотор од Хонда.
  • Тој е интелигентен, многу зрел за својата возраст. Наскоро ќе биде новата sвезда на Формула 1. Сите го сакаат. Тој е шармантен 20-годишен Јапонец со смисла за хумор. Поради својата градба од 159 сантиметри и 61 килограм, дизајнерите на болидот дополнително го сакаат, додаде Марко.

Цунода дебитираше во Формула 1 само две години откако пристигна во Европа од Јапонија каде го освои регионалното првенство во Формула 4 во 2018 година.

  • Ние го донесовме во Европа. Една сезона беше во Формула 3, една сезона во Формула 2. Никој не го забележа, а тој е вистинска експлозија во Формула 1, вели Хелмут Марко, кој веднаш даде јасен одговор на прашањето дали Јапонецот може да стане шампион во иднина: „Дефинитивно да“.