САД го молат Иран да му дозволи на Израел „симболично да го нападне“ за да си го спаси образот

1072

Вашингтон користел тајни дипломатски канали за да побара од Техеран да не му се одмаздува на Израел за нападот, што би му овозможило на Тел Авив да си го спаси образот по неодамнешниот масовен одмазднички напад на иранските сили, пишува веб-страницата „Крајдл“.

Официјален претставник на иранската воена безбедност рече дека САД контактирале со Исламската Република, барајќи од Техеран да му дозволи на Израел „симболичен напад за да си го спаси образот“ откако Иран возврати со беспилотни летала и балистички ракети.

– САД побараа од Иран да не возвраќа на тој напад – додаде тој.

Ирански официјален претставник рече дека Техеран „целосно го отфрли“ американскиот предлог, кој беше изнесен преку дипломатски посредници, и го повтори предупредувањето дека секој израелски напад на иранска територија ќе биде дочекан со решителна и итна одмазда.

Одговорот беше доставен до швајцарскиот амбасадор во Техеран од претставници на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), а не од иранското Министерство за надворешни работи, нагласи ирански претставник, испраќајќи „силно предупредување“ до САД.

– Иран ја посрамоти интегрираната радарска мрежа и противракетните системи на САД, како и системите на израелскиот режим – додаде овој функционер.

– САД дури ги активираа своите сателити над регионот за да обезбедат максимална заштита и не успеаја.

Претходно, американските воени претставници изјавија за западни медиуми дека очекуваат „ограничен удар“ од Израел против Иран, кој наводно ќе се фокусира на цели надвор од иранската територија.

Исто така, американските власти објавија дека Тел Авив сè уште не го известил Пентагон за „конечната одлука“ и дека дискусиите продолжуваат во поделениот воен кабинет на Израел.

Според американските воени претставници, САД не сакаат да учествуваат во овој воен одговор, но очекуваат Израел однапред да го извести Вашингтон за плановите за напад.

Израел вети дека ќе одговори на операцијата на Иран, во која Исламската Република лансираше стотици беспилотни летала и балистички проектили како одмазда за израелското бомбардирање на иранскиот конзулат во Дамаск.

– На лансирањето на толку многу ракети, крстосувачки ракети и беспилотни летала на израелска територија, ќе се одговори – изјави во неделата началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-полковник Херзи Халеви.

Генералот зборуваше од воената база Неватим во јужен Израел, која беше една од трите воени цели кои беа успешно погодени од ирански ракети.

Во понеделникот, заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Али Багери Кани, предупреди дека одговорот на Техеран на каква било израелска одмазда ќе дојде за „неколку секунди“ и дека Иран нема да чека уште 12 дена за да одговори.