Кошаркарите на МЗТ Скопје се на чекор до титулата во домашното првенство, откако славеа и на вториот меч од финалната серија до три добиени, овој пат на гости кај Работнички со 69:60.

На натпреварот кој се одигра во СЦ „Борис Трајковски“, МЗТ Скопје имаше одлична завршница и на крајот успеа да дојде до втората победа во серијата, пред се благодарение на одличната партија на Дамјан Стојановски кој забележа дабл – дабл од 16 поени и десет скокови.

Третиот меч ќе се одигра за два дена, во четврток, на кој „металците“ ќе имаат можност пред своите фанови во „Јане Сандански“ да ја освојат седмата титула по осамостојувањето на Македонија или вкупно 13-та во клупската историја.

ФОТО: Петар Стојановски