Пролетната зелка може да остане дома поради откажани порачки од соседите

Производителите на раноградинарски култури, пролетната зелка и лутата пиперка велат дека во услови кога извозот е забавен, а поголем дел од пазарите во државата и во регионот се затворени откупот оди тешко. Откупувачите велат дека партнерите од земјите од регионот ги намалиле или откажале порачките, а  од ресорното министерство се надеваат дека ќе успееме да извеземе поголеми количества

163

Производителите на зелка и другите рано градинарски култури стравуваат дека родот ќе им остане непродаден. Во услови кога извозот е забавен, а поголем дел од пазарите во државата и во регионот се затворени поради пандемијата со корона вирусот тие   бараат начин како да ги пласираат своите производи. За  да се реши овој проблем тие бараат помош и од државата за што поголем извоз на овие производи.

Земјоделците од Струмичко каде веќе има поголеми количини од првите раноградинарски култури пролетната зелка и лутата пиперка велат дека откупот оди тешко. Откупувачите велат дека партнерите од земјите од регионот ги намалиле или откажале порачките поради затворените пазари.

Од Министерството за земјоделство велат дека е олеснет транспортот на земјоделските производи, а за полесна комуникација помеѓу производителите и трговците поставен е банер на веб-страницата на МЗШВ кој води до апликација под името Понуда – Побарувачка. Оваа апликација треба да помогне во услови кога не функционираат пазарите.

-Побарувачката за пролетната зелка и за лутата пиперка е намалена во земјите во регионот. Пролетната зелка претежно оди за извозот бидејќи домашниот пазар е многу мал и колку  и да се влијае преку повисоки цени проблемот не може да се реши. Понудата е многу поголема од побарувачката и во овој случај единствено решение е како е можно да извеземе поголеми количини надвор, изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски во одговор на прашање од весникот ВЕЧЕР.

Според него, останува препораката потрошувачите да купуваат повеќе домашна зелка, бидејќи во услови кога извозот е намален домашните производи имаат повеќе простор на домашниот пазар.

На интернет се појави интересен ФБ-статус на Ристо Иванов со предлози и идеи како државата да помогне во пласман на раноградинарските производи. Тој предлага државата да ги користи инструментите за интервенирање на пазарот. Тоа е нејзина задача во вонредни состојби. Првиот чекор треба да биде зачувување на раноградинарските производи. Во Струмица производителите на раноградинарски производи имаат проблем со пласман. Државата има инструмент за тоа, стоковните резерви. Со 10 милиони евра се откупува целото производство, се складира во ладилниците, и се продава постепено според побарувачката. Само треба неколку чекори, земјоделските експерти заедно со МЗШВ да проценат колкав е родот и со колку пари може да се откупи, Владата да алоцира средства и да определува откупни цени, да се формира комитет од земјоделци, откупувачи и сопственици на ладилници и да се дефинира процесот на откуп, складирање и исплата.

Оваа иницијатива според Иванов може да се спроведе за една недела. Буџетските пари само се трансформираат во друга вредност – производи и се зголемува побарувачка за раноградинарски производи, приходите за земјоделците, откупувачи и сопственици на ладилници. Тој додава дека има уште многу начини да се намали загубата на ресурси преку зачувување на производството, да се создаде пазар на фирмите од преработувачката индустрија и да се организира извоз.

Коментарите кои следуваа беа позитивни и со надеж дека државата ќе има слух и ќе преземе нешто во оваа насока.

(А.С.)