„Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество“, посочува режисерот Васил Христов, најавувајќи ја премиерата на претставата „Хеда Габлер“ која во Драмски, на сцената „Ристо Стефановски“ ќе се одигра на 20 април (20 ч.)  

 

„Хеда Габлер“ работена по текст на норвешкиот писател и драматург, Хенрик Ибзен (1828 – 1906), а во режија на Васил Христов, е новата претстава во продукција на Драмски театар Скопје, која публиката премиерно ќе има можност да ја проследи во сабота на 20 април со почеток во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“.

Ликовите ги толкуваат актерите на Драмски театар Скопје. Во насловната улога како Хеда Габлер Тесман ќе ја видиме Сања Арсовска, судијата Брак е Зоран Љутков, Јерген Тесман го игра Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг е Дениз Абдула, а ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата истакнува: следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи  уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ,“ за да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага која ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.

Тој исто така посочува и дека драмскиот текст „Хеда Габлер“ , низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности внатре во него да се интервенира  во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени кои неминовно се случуваат.

„Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина стануваат дополнително актуелни и ги рефлектираат проблематизираните состојби во современото општество“, посочува режисерот Христов.

Актерката Сања Арсовска која го толкува насловниот лик, пак, го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата ѝ ја искажа благодарноста кон режисерот што и ја доверил улогата со што ѝ се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература.

Адаптацијата на претставата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценографијата е на Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајчевска-Ристоска.