Пеп не сакаше да ја активира најголемата трансфер бомба

377

Само неколку часа подоцна, откако и официјално беше означен крајот на летниот преоден рок, шпанскиот весник „Марка“ ја откри најголемата приказна која за жал не се случи на пазарот за фудбалери. Во последните моменти од летниот преоден рок раководните лица на ПСЖ ги контактирале тие на Манчестер Сити, со цел да ги информираат дека можат да ги осигураат услугите на бразилскиот интернационалец Неимар.

Актуелниот шампион на Англија без многу разислување ја одби примамливата понуда.

-Крајот на летниот преоден рок имаше свои моменти и важни трансфери, но можеше да ја има и една од најголемите трансфер бомби во фудбалската историја. Не дојде до експлозија на таа бомба, но ПСЖ направи се што беше во негова моќ за да ја активира, пишува шпанскиот весник и додава:

  • И покрај фантастичниот страт на Неимар во новата сезона, девет погодоци и шест асистенции на првите шест натпревари, и постојаното повторување дека е среќен во Париз, ПСЖ без многу да размислува го понуди на Манчестер Сити. Главна причина за таквата одлука е неговиот однос со Килијан Мбапе, кој е нов „газда“ во тимот, а тоа не му се допаѓа на Бразилецот. Поради таквиот нивни однос, настанаа неколку проблеми во соблекувалната, а ПСЖ сакаше да ја смири ситуацијата и сакаше да стави крај на борбата помеѓу двете големи ега. Сепак, Сити, кој на почетокот од летниот преоден рок ги осигура услугите на Ерлинг Халанд, не сакаше да прифати таков голем потег. Клупските челници проценија дека не е потребен таков ризик затоа што Неимар ќе има големо влијание како во соблекувалната така и во клубот, без разлика на неговите неоспорни квалитети, пишува „Марка“.

Неимар се пресели на „Паркот на принцовите“ во 2017 година откако каталонскиот гигант го прифати рекордното обештетување од 222 мил. евра. Сепак, ниту ПСЖ ниту Неимар не ги исполнија зацртаните цели, францускиот гигант не го освои трофејот во најважното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, а бразилскиот интернационалец не ја освои најважната индивидуална награда во фудбалскиот свет – „Златната топка“ на Франс Фудбал.