Министерот за надворешни работи, Бујар Османи најави дека ќе ги вложи сите напори во среда да биде во Скопје и да се обрати пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието. Побара од пратеникот Антонио Милошоски, претседател на Комисијата да ја закаже и седницата и да бидат избрани новите амбасадори.

„Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје за да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија. Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање“ – напиша Османи денеска на Фејсбук.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски денеска соопшти дека за среда во 15:00 часот ќе закаже седница на Комисијата и ќе го повика министерот Османи да ги претстави предлог Акцискиот план и предлог-патоказот за кои премиерот Зоран Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски преговараат со Софија.

Милошоски, кој ова го објави на својот профил на Фејсбук, напиша исто така дека протестите на опозоциската партија продолжуваат и во понеделник и во вторник пред Министерството за надворешни работи од 17 до 19 часот.