Оризот во маркетите се продава над 100 денари, а се откупува по 35 денари за килограм

Земјоделците се уценувани од откупувачите и мораат да ги продаваат производите по пониска цена, поради што немаат финансиски средства за вложување во зголемување и модернизација на производството. Тие се изненадени од цените во продавниците и во маркетите, па прашуваат како е можно оризот во маркетите да се продава над 100 денари, а од земјоделците да се откупува по 35 денари за килограм. Слични разлики меѓу откупните и продажните цени има и кај други земјоделски  производи - пиперките, краставиците, бостанот, дињите, пченицата чие производство чини 17 денари, а се продава по девет денари за килограм

438

Високите производни и ниските откупни цени се главниот проблем со кој земјоделците се соочуваат години наназад. Ова влијаеше на намалување на производството на речиси сите земјоделски култури. Според експертите, земјоделците се уценувани од откупувачите и мораат да ги продаваат производите по пониска цена, поради што немаат финансиски средства за вложување во зголемување и модернизација на производството. Тие се изненадени од цените во продавниците и во маркетите, па прашуваат како е можно оризот во маркетите да се продава над 100 денари, а од земјоделците да се откупува по 35 денари за килограм. Слични разлики меѓу откупните и продажните цени има и кај други земјоделски производи – пиперките, краставиците, бостанот, дињите, пченицата чие производство чини 17 денари, а се продава по девет денари за килограм.

Овие податоци, како што велат експертите, ја покажуваат реалната слика во македонското земјоделство, односно кој заработува, а кој само вложува труд што не може да го наплати.

-Проблемот со ниските откупни цени на земјоделските производи се провлекува со години и никако да се реши. Во државата прекупците и трговците се тие што заработуваат, а земјоделецот не може да си ги покрие ниту трошоците за орање, копање, ѓубрива, работна рака….Трговците само ги уценуваат земјоделците и го собираат кајмакот. Не можам да разберам како оризот во маркетите се продава над 100 денари, а од земјоделците се откупува по 35 денари за килограм и го уценуваат дека не е квалитетен. Истото го прават и со доматите, пиперките, краставиците…, изјави за весникот ВЕЧЕР, Илија Каров, земјоделски експерт и универзитетски професор.

Според него, земјоделците се уценувани од откупувачите и мораат да ги продаваат земјоделските производи по ниски цени, кои потоа на пазарите и во маркетите ги продаваат по двојно и тројно повисоки цени.

Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделци од Струмичко, вели дека во државата само откупувачите имаат ќар, а како и да свртиш земјоделците и граѓаните секогаш се во зијан.

– Откупувачите имаат најголема заработка од земјоделските производи. Има голема разлика меѓу цените по кои тие ги продаваат земјоделските производи и онаа што ја плаќаат граѓаните. Големите разлики меѓу откупните и продажните цени, кои кај некои производи се двојно и тројно повисоки, го зголемуваат револтот кај земјоделците кои се почесто ги напуштаат нивите, вели Велков.

Според последната анализа на Националната федерација на фармери која ја направи минатата година откупната цена на доматите била од 25 до 40 денари, додека на пазарите се продавале од 95 до 139 за килограм. Откупната цена на пиперките на големо била од 25 до 45 денари, додека на пазарите се продавала од 85 до 169 ден. Цените на краставиците на големо била од 20 до 45 денари, а на пазарите се продавале од 97 до 129 денари за килограм. Лубениците на големо се продавале од 14 до 35 денари за килограм, додека на пазарите по 60 денари за килограм. Дињите на големо се продавале од 10 до 40 денари за килограм, а на скопските пазари од 80 до 100 денари.

(А.С.)