Органски материи со целулозни влакна во отпадната вода од „Пејпар мил“

52

Отпадната вода што се испушта во каналот од фабриката „Пејпар мил“ во Кочани содржи органски материи со остатоци од целулозни влакна и тоа предизвикува нејзино обојување, утврдено е при увидот што го направил Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

По неодамнешното пробно рестартирање на производствениот процес, обоените отпадни води од фабриката се испуштаат во отворен канал што потоа се влева во Оризарска Река. Водата од реката, заедно со водите од хидроакумулациите Калиманци и Гратче, се користи за наводнување на дел од оризовите полиња.

– Државен инспектор за животна средина пред два дена излезе на терен и утврди дека отпадните води од технолошкиот процес на „Пејпар мил“ примарно се таложат во лагуни, но нивниот капацитет не е доволен за да се задржат хартиените влакна пред испустот. Затоа, отпадната вода што се испушта во каналот содржи висок процент на органска материја со целулозни влакна, што е остаток од хартијата која се преработува. Таа е обоена бело или кафеаво, во зависност од типот на хартијата што се произведува – се истакнува во писмениот извештај од Државниот инспекторат за животна средина.

По надзорот, инспекторот го задолжил „Пејпар мил“ да ангажира акредитирана лаборатотија која ќе изврши мерења на составот на отпадната вода, како и да прави таложење и да има постојана контрола врз испуштањето на водата, согласно наредбата на Инспекторот.

Контролата од ДИЖС во кочанската фабрика за хартија е направена, откако пред две недели земјоделци од селото Грдовци реагираа поради загадувањето и обојувањето на водата во Оризарска Река.

Од „Пејпар мил“ пак, подоцна потврдија дека оттаму е испуштена вода што ја обоила реката, но информираа дека интензивно се работи на заокружување на постројката за пречистување, со која таложењето на хартиениот отпад ќе биде поефикасно, а талогот и наталожената вода ќе се враќаат во процесот.