Околу 700 лица-фантоми ќе добијат посебен матичен број и идентификациони исправи

89

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени донесен во февруари 2020 година им дава пристап на овие лица до права на здравствена заштита, социјална заштита, образование и вработување. Веќе 654 лица од кои 423 се Роми, ја покренале или ќе ја покренат процедурата за дополнително запишување во матичната книга на родените и кои учествувале во јавниот повик за запишување издаден во периодот од 1 април до 1 ноември 2018 година. Тие ќе добијат посебен матичен број и посебни идентификациони исправи

Околу 700 лица, од кои 423 Роми ќе бидат впишани во матичната книга на родените и ќе добијат идентификациони исправи. Ова го обелодени Министерството за труд и социјална политика, по објавувањето на податоците од страна на весникот ВЕЧЕР до кои дојде преку проектот „Стоп против питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“, кој од трети декември, минатата година започна прво да се спроведува во Скопје, а до крајот на годината и во останатите градови од страна на претседателот на НВО „Градиме Иднина“, Илија Јовановиќ.

Во своето речиси 20 годишно истражување и одење на терен произлегле податоците според кои во Македонија 1.500 лица не се евидентирани во матичната книга на родени. Покрај тоа, тој наведува дека во државава просат 4.000 лица, само во Скопје 90, додека под ведро небо живеат 236, додека 2.000 деца се во здравствена критична состојба, 18.700 деца не одат во училишта и во градинки, додека три деца за две години починале од наркотични средства.

Освен тоа Јовановиќ нагласува дека девојчиња на возраст од 12, 14 и 16 години телото си го продаваат за мобилни телефони, нудат сексуални услуги за 1.000, 2.000 до 5.000 денари и тоа преку посредници макроа.

– Тие им ги земаат парите. Освен тоа 50 деца за 3 до 4 години се дрогираат со наркотични средства, хероин, но и со лепило. Не се знае од кого ја купуваат дрогата со испросените пари овие деца. Новородени деца ги успиваат со лепило и со наркотични средства за да можат со нив жени да просат. Жените се менуваат во смени со едно исто завиткано бебе – вели Јовановиќ.

МТСП ЕВИДЕНТИРА 70 ДЕЦА НА УЛИЦА

Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени донесен во февруари 2020 година им дава пристап на овие лица до права на здравствена заштита, социјална заштита, образование и вработување.

– Тоа е ад хок затоа што негова целна група се одреден број луѓе (654 лица од кои 423 се Роми), кои веќе ја покренале или во согласност со новиот даден рок ќе ја покренат процедурата за дополнително запишување во матичната книга на родените и кои учествувале во јавниот повик за запишување издаден во периодот од 1 април до 1 ноември 2018 година – објаснуваат од ова министерство.

Оттаму додаваат дека Законот на оваа категорија лица им овозможува евиденција во посебни матични книги на родените и добивање посебна идентификациона исправа којашто треба да им овозможува пристап до наведените права.

Освен тоа, како што истакнаа од МТСП, Владата на 15 февруари годинава ја усвоила и Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 -2030, која е дел од јавните политики на државата за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници.

– Со стратегијата се предвидени различи секторски политики како што се вработување, поддршка за формализирање на неформалната работа со креирање на сет мерки, како што се пристапот до финансии претприемачи Роми преку меѓународниот фонд РЕДИ. Преку изработка на програми, Владата ќе ги вклучи во образованиот процес и децата од улица, повратници и деца од 7 до 14-годишна возраст. Исто ќе работи на олеснување на пристапот до здравствените услуги – нагласуваат од министерството.

Во моментот, МТСП евидентирало 70 деца на улица. Оттаму велат дека проблематиката на деца на улица и на нивните родители ја третираат и Центрите за социјална работи преку стручна, советодавна и тимска работа, со тоа што им обезбедуваат право на социјална заштита, сместување на децата во згрижувачко семејство или во установа од социјална заштита.

– Согласно Законот за социјална заштита воспоставена е социјална услуга – Дневни центри за деца на улица, кои обезбедуваат воспитни, едукативни, советувања за работа со децата и нивните семејства. Во Скопје, функционираат два дневни центри, Кисела Вода и Шуто Оризари – велат од министерството и додаваат дека за заштита и постапување со децата на улица, преку Центарот за социјална работа формирани се мобилни тимови чија активност е мапирање на критичните  локации на територијата на град Скопје, каде што оваа појава е најалармантна. 

За бездомните лица, пак, кои се во социјален ризик, како што наведуваат од министерството, обезбедено е привремено сместување во Центар за бездомни лица, кој функционира како организациона единица на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Скопје. Исто така, во рамките на  Црвениот крст, функционираат пунктови за бездомни лица каде тие добиваат храна, облека, лекови, услови за одржување на лична хигиена и слично, а во услови на екстремно ниски надворешни температури е овозможено и преноќување во пунктовите.

– Од октомври 2017 година, МТСП презема активности за интеграција на ромската заедница кои немаат живеалиште. Реализира и голем број активности за обезбедување на основни продукти, здравствена заштита, вклучување на децата во образовен систем,  активности за олеснување на процесот за вклучување на пазарот на трудот и обезбедување на лична документација – заклучија од министерството.

ЗАПУШТАЊЕ И МАЛТРЕТИРАЊЕ ДЕТЕ

Во врска со изнесените фрапантни бројки и проблемот со просењето од Министерството за внатрешни работи (МВР) се децидни дека со цел превенирање и спречување на појавата од деца на улица во содејство со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје преземаат мерки и активности и тоа во најпогодените подрачја, односно на сите локации за кои постојат информации дека се користат за просење.

При тоа, додаваат дека за претходната година, заклучно со јануари годинава, се поднесени вкупно 24 кривични пријави против 28 сторители за кривично дело „Запуштање и малтретирање на дете“ во врска со просење, а според член 24 од ЗППЈРМ „Кој ќе се затекне да проси“ за истиот период се евидентирани вкупно 14 прекршоци против 20 сторители кои биле полнолетни.

Како што истакнаа од Министерството за образование и наука (МОН), дежурните тимови на Центрите за социјална работа доколку утврдат дека станува збор за дете на училишна возраст ги упатуваат со родителите во најблиското училиште.

– Доколку се оцени дека од било која причина (можеби училиштето одбива да го вклучи детето заради тоа што не припаѓа на реонот, нема постојано живеалиште, нема документација итн.), и има потреба од вклучување на МОН, се известуваат министерството и Државниот просветен инспекторат – појаснуваат од МОН.

Тие информираат и дека дополнително постои Протокол за постапување во процесот на превенција и заштита на децата од злоупотреба и занемарување во кој има дел за експлоатација на децата и нивниот труд.

– Се работи на унапредување и обезбедување на целосна инклузивност на националниот образовен систем на сите нивоа, за што се усвоени стратешки документи. Во 2019 година е усвоен и целосно нов Закон за основно образование кој е фокусиран кон обезбедување на целосна инклузивност на образовниот систем, а со низа одредби се регулира и прашањето околу постапување со деца кои не се вклучени во воспитно-образовниот процес. Врз основа на  истиот закон усвоени се и низа подзаконски акти  со кои се допрецизираат одредени постапки – потенцираат од МОН.

Оттаму објаснуваат дека согласно законот трета година, по ред се ангажираат образовни медијатори за учениците Роми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства кои се подолго време надвор од образовниот систем.

– Овие медијатори преземаат активности за подобрување на информираноста за можностите за пристап до училиштата, спроведуваат редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во основните училишта со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието, редовно соработуваат со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигнувањата на учениците, преземаат активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес на учениците – набројуваат од МОН.

Притоа, информираат дека во соработка со Фондацијата „Песталоци“ од Швајцарија се имплементира проектот „Инклузија на децата кои се надвор од училиштата“, чија цел е поддршка при интеграција на ромските момчиња и девојчиња кои се надвор од училиштата.

– Воедно, проектот предвидува туторство и стипендии за идентификуваните деца кои не одат на училиште по нивното запишување. Проектните активности предвидуваат и давање на насоки на родителите за запишување и задржување на нивните деца во образовниот систем – велат од МОН.

Освен тоа, со поддршка на МОН, Фондацијата „Отворено општество Македонија“ заедно со своите партнери Здружението „Центар за образовна поддршка Дендо вас“ и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ доделува вкупно 320 стипендии за ученици Роми запишани во прво одделение.

(А.П.)