Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да се пласира на Европско првенство, иако попладнево славеше над Естонија само со 86:84, но ни беше потребна двоцифрена разлика.

Освен третата четвртина, која ја добивме со 25:20, нашите репрезентативци изгледаа анемично на теренот, со премногу загубени топки, големи промашувања, неорганизирани напади и „дупки“ во одбраната кои Естонија знаеше да ги казни.

„Црвено-жолтите“ лошо го стартуваа натпреварот и по првите десет минути имаа негатива од девет поени (27:18), а предноста на Естонија се зголеми до полувреме (49:38). Во третиот период избраниците на Александар Тодоров одиграа далеку подобро и ја намалија високата негатива на четири поени, а пред крајот на мечот и поведоа со 81:80, но не успеаја да направат предност од 10 разлика која ќе ги однесеше на ЕП.

Со две победи на шест натпревари, исто колку и Естонија, нашата селекција се збогуваше со пласман на ЕП, а токму нашиот денешен ривал, поради подобрата кош разлика во меѓусебните дуели обезбеди учество на големиот континентален собир.

Најефикасен во нашиот репрезентативен состав беше Ненад Димитријевиќ со 23 поени, два помалку постигна Бојан Трјаковски, додека одлична партија имаше и Јакоб Вајли со 18 коша. Но, за разлика од нив, останатите кошаркари постигнаа само 24 поени.