„Серверите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик се нападнати“, напиша деновиве креаторот на сајтот кој, според корисниците, има голем придонес за зачувување и популаризација на македонскиот јазик. За македонистите, пак, македонскиот јазик е факт, а секаков напад и негово бришење е бришење на идентитетскиот белег на македонскиот народ…

 

Дигиталниот речник на македонскиот јазик, алатка која според огромен број на негови корисници во Македонија и пошироко има голем придонес за зачувување и популаризација на нашиот литературен јазик и правопис, деновиве беше хакиран и е надвор од употреба. За многумина е интересен фактот што нападот се случи токму во пресрет на Самитот на Западен Балкан во Софија во рамките на Берлинскиот процес, а на кој меѓу другото требаше да биде испеглан и спорот меѓу Македонија и Бугарија за македонскиот јазик, кој за бугарската страна е главниот камен на сопнување и пречка за прием на нашата држава во ЕУ.

Објавата, пак, за хакирање на сајтот осамна на социјалните мрежи токму од Шинаси Деребеј, информатичар по потекло од Македонија, сопственик на компанија со седиште во Берлин, кој го создаде Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Неговиот потег да го дигитализира македонскиот правопис и тој бесплатно да биде достапен за сите, ја воодушеви јавноста во државата. Иако официјална потврда од креаторите на платформата за тоа кој и зошто го нападнал сајтот, вчера до затворањето на весникот, немаше, ниту, пак, пријава во секторот за компјутерски криминал при МВР, сепак останува горчливиот вкус на постојани напади на сè што е македонско.

„Серверите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик се нападнати. Ја анализираме состојбата и се надеваме дека тие наскоро ќе бидат во употреба“, стои во изјавата на Деребеј за корисниците на сајтот. Со оглед дека сајтот до вчера сè уште не беше во функција, реакциите се огромни, но најмногу реагираат лекторите, писателите и воопшто македонистите кои велат дека Дигиталниот речник е исклучително богат и корисен за сите оние што работат со македонскиот јазик. Иако македонистите во државата не сакаа да го коментираат хакирањето на овој сајт, сепак постојаните непризнавања на македонскиот јазик, предизвикуваат револт и неверување кај релевантните лица во државата кои работат на зачувување на македонскиот јазик.

За Соња Стојменска-Елзесер, претседателка на Друштвото на писатели на Македонија, чудно е тоа што во моментов не функционира Дигиталниот речник на македонскиот јазик. „Симболично заплашувачки. Но, колку што заплашува веројатноста дека станува збор за можен атак од соседите, уште повеќе заплашува мислата дека не сме биле способни да спречиме една таква, навидум, банална техничка ситуација. Нападите од нашите соседи врз нашиот јазик се стари и во минатото се пројавувале на најперфидни начини, но во моментов добија вулгарна политичка и уценувачка форма. Не смееме да дозволиме да се доведува под прашање или да се отуѓува една книжевно-јазична традиција од илјадници и илјадници испишани страници, уметнички и други книжевни дела во дијапазон од стих до книжевна наука. Сите тие се развиен систем на македонската книжевност и така се инкорпорирани во европската книжевна ризница што е изградена врз водечката идеја – единство на различностите. Нашата различност, нашиот идентитетски белег е македонскиот јазик.

Нам, на писателите што пишуваме на македонски јазик, ако ни го одземат јазикот, би било како да ни ја искорнат утробата – ние постоиме само од и за нашиот јазик. Јазикот ни е и професија, и љубов, и судбина… Нашиот најдобар одговор на сите провокации и напади е уште позасилена грижа за нашиот јазик, негување на прекрасната автентична книжевна традиција и нејзино афирмирање во светот и што поквалитетно творење уметност денес, особено денес“, вели Стојменска-Елзесер.

Научниот соработник на Институтот за македонски јазик Елка Јачева Улчар, пак, за весникот ВЕЧЕР посочува: „Мојот став е непроменет уште од моментот кога сум проговорила: Македонка сум! Сум израснала, сум се школувала и сум се формирала како личност во Македонија на македонски јазик. И со тоа сознание живеам, еве, комај  53 години.

Ако некој смета дека не постојам, јас, моите роднини, моите пријатели и, воопшто, мојот народ кој исто како и мене растел и се развивал на македонски јазик, тогаш тој има проблем со својата интелигенција. Зошто го велам ова? Зашто, не е, воопшто, интелигентно да гледате дека нешто постои пред вас, реалност е и факт – а да велите дека не постои. А македонскиот јазик е реалност, факт за што се потврда огромниот број страници убава литература напишани на македонски, големиот број весници, огромниот број научни трудови напишани за македонскиот и на македонски јазик, и не само од родените Македонци, туку и од голем број авторитетни светски научници и уметници. Бришењето на основниот идентитетски атрибут за секој Македонец  –  македонскиот  јазик – значи бришење на колективната меморија отелотворена низ нашата богата историска, фолклорна и културна традиција која живеела и се негувала токму преку македонскиот јазик на долгата историска оска“, вели Улчар. (Д.Т.)