Некогашната македонска поп-ѕвезда Лена Трајковска е носталгична по родниот крај: “Во Австралија македонските пиперки ме враќаат во мојата младост“

315

Ги нема во својата градина, но ги има нејзината Лиле, па често оди таму не само гледајќи да им се восхитува, туку и да ги вкуси. А, македонската кујна е надалеку позната по пиперките кои се присутни во јадењата на сто и еден начин. Со нив ги има “заразено“ и своите австралиски пријатели.

Среќна сум во Австралија, се пронајдов себеси, вака вели Лена Трајковска, нашата некогашна пејачка ѕвезда (од златното време и на Драган Мијалковски, Зафир Хаџиманов, Љупка Димитровска, групата “Македонија“, Верица Ристевска….) која весникот ВЕЧЕР ја пронајде на континентот на кенгурите каде живее повеќе од 40 години и каде е сега веќе пензионерка. Ужива во своите пензионерски денови и во плодовите од животот. Иако е среќна како што вели што е доселена во Австралија, со ќерката Лина која таму стана многу успешен музичар, родната Македонија не је заборава. Дури ете и кога пиперките се во прашање.

Таа ги нема во својата градина, но ги има нејзината Лиле, па често оди таму не само гледајќи да им се восхитува, туку и да ги вкуси. А, македонската кујна е надалеку позната по пиперките кои се присутни во јадењата на сто и еден начин. Со нив ги има “заразено“ и своите австралиски пријатели. Нејзе вкусот и миризбата ја враќаат во деновите на младоста, кога кон крајот на септември цело Скопје мирисаше на правењето на ајвар. Нешто што со зборови не се опишува.

Лена никогаш не се откажала од своите корени, нема причина, ниту престанала да се интересира за македонската забавна музика, пеејќи ја и самата и настапувајќи на сите ексјугословенски фестивали.

-Нашата естрада ми е мојата стара љубов, но ние не ја почитуваме. Јас овде ја ширам таа љубов кон македонската музика. Многумина Австралијци првпат од мене слушнале дека постои македонска забавна музика и првпат откриле преубави македонски песни. Но, кога и да појдам некаде кај нашите иселеници, забележувам дека почесто се слушаат Лепа Брена, Северина и Цеца Ражнатовиќ, отколку да речам една Васка Илиева, Виолета Томовска или Нина Спирова. Не ме сфаќајте погрешно, но знаете што сакам да порачам.

Пред да се пензионира Лена работеше успешно во сопственото училиште како професор по музика, предавајќи флејта, клавир и, се разбира, пеење. Основач е и уметнички директор на фестивалот за деца „Голден коала“, нешто како нашето “Златно славејче“.      Д.Миќиќ / фото:ФБ