Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ го одигра првиот меч на Вимблдон, во кој со мали осцилации во четири сета го совлада Кореецот Сунву Квон со 6:3, 3:6, 6:3, 6:4. Но за Новак турнирот во Лондон, каде што ја брка својата седма титула, вкупно 21. грен слем би можел да биде последен пред паузата од 11 месеци.

Интересно е што може да се случи Новак да не настапи на грен слем турнирите цели 11 месеци по Вимблдон, односно до Ролан Гарос следната година. Новак во моментов не може да оди во Америка на САД Опен поради правилата за ковид кои важат за влез во САД, а постои можност да не може да настапи и на Австралија опен поради добро познатите настани од јануари годинава.

-Свесен сум дека е можно тоа да се случи и затоа ќе се обидам да извлечам максимум од овој турнир. Не размислувам толку однапред, ќе видиме што ќе се случи на крајот. Нема многу време помеѓу Вимблдон и САД Опен, па се надевам дека работите ќе се променат и дека на крајот ќе можам да се натпреварувам. Би сакал да биде така – но моите мисли и внимание моментално се насочени кон Вимблдон, изјави Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер кој до пред две недели го држеше првото место на АТП листата во кариерата има освоено 20 грен слем титули, исто колку што има и Швајцарецот Роже Федерер, а две помалку од Шпанецот Рафаел Надал.